Со промоција на последните 38 наслови, попладнево беше заокружена капиталната книжевна едиција на Владата и Министерството за култура „Ѕвезди на светската книжевност“, во која во изминатите четири години беа преведени и отпечатени вкупно 560 најзначајни дела во историјата на човештвото. Голем дел од книгите прв пат добија превод на македонски јазик.
Во реализацијата на овој обемен проект беа вклучени Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“, неколку издавачки куќи и околу 500 стручни лица – преведувачи, лектори, автори на поговори на книгите, предводени од претседателот на редакцијата, академик Митко Маџунков.
За нивниот придонес денеска на последната, 13-та промоција, им се заблагодари министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска која истакна дека проектот „Ѕвезди на светската книжевност“ воведе поинаков пристап кон јазичната, книжевната и издавачката материја во Македонија и е уверена, како што рече, дека неговите придобивки ќе бидат далекусежни и дека проектот ќе биде фундамент за развојните процеси во литературата, но и во културата воопшто.
– Ќе посакам погледот кон овие 560 дела кои од денеска се неизоставен дел од нашата книжевна ризница да овозможи македонскиот читател да ги допре ѕвездите, да открие нови светови, нови хоризонти, да се осознае себеси, да ги осознае другите, истакна Канческа-Милевска.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски во изјава за медиумите искажа задоволство што проектот почнат пред четири години успешно е доведен до планираниот крај. Се осврна на подготовките пред почетокот на проектот кога биле консултирани библиотеки од земји кои дале значајни дела во светската книжевност.
– Реализацијата се одвиваше чекор по чекор, се вклучија огромен број луѓе. Проценката е дека околу 500 луѓе учествуваа во изработката, подготовката и реализацијата на овој, веројатно најкапитален книжевен проект во историјата на независна Република Македонија, во овие 25 години. Голем потфат за издаваштвото, голем поттик и поддршка за преведувањето, кое како дејност отиде понапред и се поставија нови стандарди. Среќен сум што бев дел од Влада која даде многу голема поддршка на културата, на издаваштвото, на издавање дела и книги кои никогаш претходно не се објавени, а важат за едни од највредните во светската книжевност, изјави Груевски.
Делата од оваа едиција може и да се купат во НУБ „Св. Климент Охридски“ во Скопје и во националните библиотеки во Битола, Штип, Охрид и Тетово, а на издавачите им е дозволено допечатување примероци и слободна продажба на пазарот. – Цената на книгите е прилагодена и, практично, идентична на производната цена. Не е намерата да се направи некоја заработка, туку да им се овозможи на читателите по најпристапна цена да дојдат до овие дела, додаде Груевски.
Претседателот на стручната редакција, академик Митко Маџунков, истакна дека се работи за пионерски потфат од големо значаење за нашата култура, голем издавачки потфат кој, како што рече, покажал и какви се можностите на нашиот книжевен јазик.
– Јазикот е можеби најважниот атрибут на еден народ, а неговата книжевна артикулација е најочигледниот доказ за неговата зрелост. Книжевните јазици освен со оригиналните дела, се потврдуваат со способноста на нив да се преведат најголемите и јазично најсложените дела. Таа задача е сега извршена до крајот и никој повеќе не би можел ниту да помисли да го оспорува македонскиот јазик, а со тоа и народот што зборува на тој јазик, истакна Маџунков на последната промоција на наслови од едицијата „Ѕвезди на светската книжевност“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.