| четврток, 6 декември 2018 |

Во Мала станица отворена изложбата на дела откупени од Министерството за култура

Во Националната галерија на Македонија, објект Мала станица, попладнево беше отворена изложба на дела откупени со вториот конкурс на Министерството за култура за откуп на уметнички дела и скулптури од галериски формат за 2015 година.

На конкурсот се откупени 59 дела од 52 автора, од кои 43 ликовни остварувања, а 16 се скулптури. Избрани се од стручна комисија во состав: Викторија Васева­ Димеска, Конча Пиркоска, Сафет Ахмети и Маја Неделкоска­ Брзанова.

Отворајќи ја изложбата, министерката за култура Елизабета Канческа­ Милевска рече дека со новиот конкурс постојаните поставки и депоата на националните музеи, како и просторите на државни институции, ќе се дополнат и збогатат со дела на еминентни автори кои, како што рече, со своето творештво оставија траен белег во македонската ликовна уметност. Потсети дека конкурсот за откуп е стимулативна мерка од Националната стратегија за развој на културата за периодот 2013/­2017 чија цел е и да се поттикне домашното уметничко творештво и афирмацијата и статусот на македонските уметници.

-На првиот конкурс за 2014, и на овој, втор конкурс за 2015, откупени се вкупно 113 ликовни дела и скулптури од галериски формат, за што од буџетот се одвоени 13.389.000 денари. ­ Откупивме дела на автори кои дадоа исклучителен, индивидуален придонес во развојот на ликовната уметност во Република Македонија, и кои осознавајќи го сопствениот вредносен код ги надминаа границите на нашата држава и го освоија европскиот културен простор, но особено радува фактот што не изостанаа и делата на младите македонски уметници со изразен творечки идентитет, рече Канческа ­Милевска. која ги повика уметниците да аплицираат и на следниот, трет конкурс за откуп.

Меѓу 43­те автори чии дела се откупени на овој конкурс, се: Вангел Коџоман, Љубомир Белогаски, Томо Владимирски, Томо Шијак, Иван Велков, Драгутин Аврамовски Гуте, Александар Јанкуловски Цане, Роберт Јанкуловски, Александар Станковски, Ирена Паскали, Антони Мазневски…, а меѓу авторите на скулптури се: Васко Василев, Јордан Грабуловски, Александар Ивановски Карадаре, Жарко Башевски, Исмет Рамиќевиќ, Ибрахим Беди, Илија Аџиевски, Бранко Јакшиќ…

Претседателот на ВМРО­ДПМНЕ Никола Груевски по отворањето на изложбата рече дека иницијативата која тој како премиер ја покренал пред две години заедно со министерката Канческа­ Милевска, е нова димензија во поддршката на уметниците во Република Македонија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top