| четврток, 6 декември 2018 |

Институт за патофизиологија и за нуклеарна медицина: Набавена нова камера за снимање тироидна жлезда

Министерот за здравство, Никола Тодоров, денеска најави набавка на специјална камера за дијагностицирање на широка палета патолошки заболувања, како заболувања на тироидната жлезда и други ендокринолошки заболувања. Годишно околу 8.000 пациенти имаат потреба од вакви снимања на Институтот за патофизиологија и за нуклеарна медицина.

– Министерството за здравство склучи договор за набавка на камера за Институтот за патофизиологија и за нуклеарна медицина, а во соработка со Медицинскиот факултет. Оваа камера е од огромно значење за целиот здравствен систем, имајќи предвид дека другите камери што ги имаме на Институтот, се прилично стари и многу честото нивно неработење создава сериозни листи на чекање и метеж за испитувања што се од огромно значење за пациентите, но и за докторите во поставувањето на дијагнозата – изјави Тодоров на денешната прес-конференција во Министерството за здравство.

Станува збор за набавка вредна 24 милиони денари, а опремата ќе се достави до Институтот во средината на мај. Институтот за патофизиологија и нуклеарна медицина ќе испрати кадри на обука во САД во претстојниот период, со цел да се обучат за работа со новата опрема.

– Станува збор за најсовремена камера, која досега ја нема во Македонија ни во јавното ни во приватното зравство. Со оваа камера, бројот на пациенти што добиваат услуга двојно ќе се зголеми. Ако дневно досега можело да се направат максимум шест снимања, сега ќе можат да се прават десетина снимања, што значи дека времето на чекање двојно ќе се намали. Околу 8.000 пациенти годишно имаат потреба од ваква услуга од Институтот – рече Тодоров.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top