| четврток, 6 декември 2018 |

Продолжува драмата: Kиднаперот бара да се види со поранешната сопруга (ФОТО)

Египетскиот државјанин Ибрахим Самаха е киднапер на авионот на авиокомпанијата „Иџиптер“, кој принудно слета изутринава во Кипар, јавија египетски медиуми.

Според кипарската телевизија, тој ова, можеби, го сторил од лични мотиви, со оглед на тоа дека во Кипар живее неговата поранешна сопруга, пренесува БТА.

Кипарските медиуми пренесуваат и дека од властите тој побарал политички азил и преведувач. Покрај тоа, киднаперот има и едно необично барање, да се види со неговата поранешна сопруга пред да стави крај на заложничката драма.

На „Твитер“ беше објавена и негова фотографија.

„Иџиптер“ на налогот на Твитер објави дека се ослободени сите патници, со исклучок на четворица странци и членовите на екипажот, јави ДПА. Според медиумските извештаи сите странци се Европејци.

Авионот на египетската компанија „Иџиптер“ со 61 патник и членови на екипажот принудно слета на аеродромот во кипарскиот пристанишен град Ларнака во 8.30 часот изутрината по локално време.

Авионот „ербас А320“ сообраќал на релација Александрија- Каиро и кусо по 8.20 часот по локално време навлегол во воздушниот простор на Никозија, при што пилотите побарале да слета на аеродромот во Ларнака, поради тоа што во него имало киднапери. Според кипарските медиуми киднаперите побарале од пилотите да го приземјат авионот во Ларнака.

Аеродромот во Ларнака е затворен и сите летови се пренасочуваат кон Пафос.

Според телевизијата „Ал Арабија“ во авионот нема експлозивни направи. Претходно кипарски претставник изјави дека постои сомневање дека во авионот има бомба.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top