Агенцијата за вработување почна со мотивациски обуки за полесно вработување на долгорочно невработените лица на возраст од 40 до 49 години. Според ресорниот министер Спиро Ристовски, целна група се околу 5.000 лица од невработените на оваа возраст кои активно бараат работа. Од вкупно 258 илјади невработени, се пререгистрирале 221.720, од кои само 101.121 рекле дека активно бараат работа и што сакале да биде дел од пазарот на трудот. Создадена е генерална слика – профил на работници потребни на компаниите и во еден дел обуките ќе бидат стандардизирани и модифицирани на тие потреби бидејќи има најава за нивно вклучување, односно вработување.
– Ги повикувам сите невработени кои се на возраст од 40 до 49 години и се изјасниле дека активно бараат работа, а кои ја одбиле поканата или сѐ уште размислуваат за нејзино прифаќање да се одлучат и да се вклучат во можноста што им е понудена и заедно да придонесеме за зголемување на нивните вештини и знаења со што ќе се зголеми и можноста за полесен пристап до соодветното работно место – рече Ристовски.
Оваа категорија невработени е избрана бидејќи е без работа повеќе од 10 години, објаснува директорот на АВРМ, Влатко Поповски. Иако во продуктивни години, не можат да најдат работа бидејќи најголем број од работодавците бараат работници под 40 години.
– Со оваа обука ќе се постигне нивно самосознавање, самооценка што им е потребно. Потоа ќе се види кои работни места се соодветни за нив, доколку е потребно ќе се направи и дополнителна обука за да можат да се вработат во некоја од приватните компании – рече Поповски.
За успешна реализација, следната недела треба да се одржи состанок со стопанските комори и со здруженијата на работодавците. Обуките ќе траат до 23 мај годинава, а потоа од 14 јуни ќе почнат активни советувања. Во првата фаза ќе бидат опфатени невработените лица на возраст од 40 до 49 години, а потоа и останатите категории.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


