| четврток, 6 декември 2018 |

Отец Бобан: Да се направи нов календар, па Велигден ќе го славиме заедно

Припадниците од католична вероисповед денеска го прославуваат Велипеток. Годинава католички Велигден се паѓа на 27 март, околу еден месец дена пред денот кога овој празник ќе го слават православните верници.

Идејата за изедначување на датумите, со што католиците и православните верници би ги славеле заедно најголемите христијански празници Божик и Велигден, со години е тема на расправа меѓу двете цркви.

Но, Македонската православна црква сѐ уште не размислува за менување на календарот. Велат календарот ќе остане ваков каков што е додека не се одлучи Соборно, односно сите православни цркви да го променат календарот.

Отец Бобан од Скопската епархија посочува дека МПЦ како Црква има став дека можеби најдоброто решение ќе биде да се направи уште попрецизен календар од овие што постојат, бидејќи денес имам технолошки средства за сето тоа да се направи.

Но сè додека е вака ние го прифаќаме тоа што преданието на црквата го има. Како сега ќе му промениме на народот дека Илинден не е веќе на 2 август, кога сето тоа е поврзано дури и со некои наши национални празници – изјави за „Република“ Отец Бобан.

Тој негодува околу начинот на кој некои православни цркви кои го имаат земено новиот календар. Божиќ го слават по новиот, но Велигден по стариот календар.

Тие Велигден го празнуваат како оние со стариот календар затоа што постои одредено правило во црквата дека Велигден никогаш не смее да се падне со еврејската паска. За да го избегнат тој момент според новиот календар, Велигден секогаш го празнуваат со нас, по стариот календар. Ние се доведуваме до решението сите празници да ги празнуваме по новиот календар, а Велигден да го празнуваме по стариот, што нема логика – коментира отецот од Скопската епархија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top