Францускиот министер за внатрешни работи Бернар Казнев синоќа соопшти дека во близина на Париз бил уапсен француски државјанин, кој е осомничен за членство во милитантна група што планирала напади во Франција.
- Ова апсење помогна да се спречи заговор во Франција, кој бил во поодмината фаза- изјави Казнев во обраќање кое беше пренесувано на француската национална телевизија.
Како што јави дописникот на МИА од Париз, Французинот, кој е упасен синоќа, во Булоњ Бијанкур во парискиот регион, е оценет како „крајно опасен“ и полицијата интензивно трагала по него, откако во јули 2015 година бил осуден во отсуство во Брисел, речиси истовремено со еден од организаторите на нападите во Париз на 13 ноември минатата година. Веднаш по апсењето на осомничениот, за кој се претпоставува дека бил вклучен во нападите во Париз, француската полиција во текот на минатата ноќ спроведе обемна акција во париското предградие Аржантој, Казнев нагласи дека засега нема докази дека новиот планиран напад во Франција е поврзан со нападите во Брисел во втроникот и оние во Париз од 13 ноември минатата година. -Ниту еден расположлив елемент не го поврзува овој план (за терористички напад) со нападите од Париз и Брисел- рече Казнев.
Според француската информативна телевизија „ИТеле“, сомнителното лице изјавило дека има оружје и експлозив.
Радиото „Франс инфо“, јави дека лицето било осудено на десет години затворска казна во негово отсуство во Брисел, поради членство во мрежа која органиизрала испраќање на џихадисти во Сирија. Тој е идентификуван како Реза К., на возраст од 34 години. Контраразузнувачките служби, придружувани од елитните полицајци на РАИД, нешто пред полноќ извршија претрес во зграда во Аржантој. При акцијата зградата била целосно евакуирана, за да може да се спроведе претресот на станот, паркингот и заедничките простории во оптимални услови. Во неговиот стан е откриено мало количество на експлозив, а во тек се операци за деминирање. Ако се потврдат сомнежите, ова ќе биде 12ти по ред откриен план за напади во Франција во изминативе 15 месеци.
Од почетокот на 2016 година, 75 лица поврзани со терористички активности беа уапсени низ Франција. Овие апсења доведоа до поведување на 37 обвиненија и на 28 изречени затворски казни.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.