| четврток, 6 декември 2018 |

Хашко обвинителство: Караџиќ осуден на 40 години затвор

Советот не можеше да заклучи дека постоела геноцидна намера кај обвинетиот ниту кај некој од физичките сторители на злосторството. Нема докази дека во тие општини бил извршен геноцид, рече судијата Квон

Поранешниот претседател на Република Српска Радован Караџиќ е осуден на 40 години затвор од страна на Хашкиот трибунал.

Судијата О­гон Квон потсети дека на Караџиќ му се судеше според 11 точки од обвинението за геноцид. Злостоства против човештвото и прекршување на законите и обичаите за војување. Обвинителите го обвинија Караџиќ за учество во четири здружени злосторнички потфати.

Судијата Квон рече дека Претресниот совет заседавал 449 дена и сослушал повеќе од 440 сведоци и по писмен пат примил искази од 152 сведоци. Вкупно имало 11.469 доказни предмети, над 48 илјади страници транскрипти, а целиот предмет против Караџиќ има над 330 илјади страници. Судот констатирал дека босанските муслимани и Хрвати биле држени во страшни околности, но не се докажало дека таквите услови имале за цел да доведат до нивно истребување во општините Фоча, Братунац, Кључ, Приједор, Сански Мост, Власеници и Зворник и оттука до геноцид.

Советот не можеше да заклучи дека постоела геноцидна намера кај обвинетиот ниту кај некој од физичките сторители на злосторството. Нема докази дека во тие општини бил извршен геноцид, рече судијата Квон.

Српските сили уништиле многу џамии и цркви во многу општини, потврди Судот, но не постои несомнен доказ за тоа кој е одговорен за тие уништувања, рече судијата Квон. Според него, жртвите биле убивани масовно или по напади на несрпски населби биле одведувани во заробеништво. Жртвите биле избирани според нивниот национален идентитет, потврди Квон.

Обвинетиот Караџиќ бил централна фигура во ширењето на пропаганда против босанските муслимани и Хрвати преку која тие биле идентификувани како историски непријатели на Србите, со што ширел омраза, пишува во пресудата. Караџиќ, кој бил во врвот на власта и воените формации можел да ја користи својата власт за спроведување злосторнички потфат и придонел за формирање посебни воени и полициски единици на босанските Срби иако обвинетиот подоцна презел чекори да го сопре дејствувањето на овие вооружени формации, но откако тие презеле акции на здружен злосторнички потфат, рече судијата Квон.

Обвинетиот сноси индивидуална кривична одговорност за убиства, противправен напад врз цивили и ширење терор како и кршење на законите и обичаите за војување како и за злосторства против човештвото, рече судијата Квон.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top