| четврток, 6 декември 2018 |

Македонија прв пат домаќин на ЕП во боречки спорт

Кендото е боречка вештина која нема тежински категории и сите натпреварувачи се натпреваруваат меѓусебе. Нема ниту други селективни категории како борби и кати како во другите боречки спортови. Овој спорт има поделба само во машка и во женска конкуренција. Сите натпреварувачи се борат само за три медали. За да се стигне до медал на едно европско или светско првенство, еден натпреварувач ќе мора во еден ден да победи во осум па и во повеќе борби, така што патот до одличје е исклучително тежок, вели Златко Кесковски - селектор на Кендо-Иаидо федерацијата на Македонија

За првпат во Македонија ќе се организира Европско првенство во Кендо. Колку е тешко да се добие една таква организација на една боречка вештина која потекнува од Јапонија?

Кесковски: На 31 март започнува Европското првенство во кендо во нашата држава и ќе трае до 3 април. Натпреварите започнуваат на 1 април, а на 31 март ќе биде одржано генералното собрание на Европската Кендо – иаидо федерација. За првпат ќе се организира едно европско првенство за кој било боречки спорт во Македонија. Нашата Кендо – иаидо федерација е формирана пред само десет години, а веќе успеавме да добиеме една ваква организација што е, би можел да кажам, револуционерен потег бидејќи ниту Карате федерацијата, ниту Џудо федерацијата, кои се постари од нас и постојат повеќе од 50 години, не се ни обиделе да добијат ваква организација. Освен што за првпат се организира вакво првенство кај нас, морам да напоменам дека за првпат се организира Европско првенство надвор од границите на Европската унија. Ова првенство се одржува на секои две години и во СЦ „Борис Трајковски“ ќе настапат 38 држави-учеснички што е за пет учеснички повеќе од минатиот шампионат одржан во Франција, што е рекорд. Во Скопје ќе настапат повеќе од 530 спортисти, преку 30 судии, официјални лица, 40 членови од европската федерација кои сакаат да помогнат во организацијата и многу други членови и волонтери. Ова значи дека целата организација е на едно врвно ниво на кое може да ни позавидат и далеку пореномирани кендо федерации. За да се добие една ваква организација треба да се поминат три филтри кои ги организира светската федерација и има три прелиминарни гласања. Благодарејќи на нашата ангажираност во последниот круг на гласање минатата година во Јапонија ја добивме едногласно, и покрај тоа што Грција не гласаше бидејќи го бојкотираше собранието и не присуствуваше. Исто така, го бојкотира ова првенство и не пријави екипа.

kendo-fight

Што е кендо и кои се правилата на натпреварување?

Кесковски: Кендо е јапонско мечување. Сосема е различно од европското мечување кое се нарекува фенсинг. Самиот збор кендо на јапонски значи „фатот на мечот“ и е со повеќевековна традиција во таа држава и се мечува на оној начин на кој се мечувале добропознатите самураи. Сега веќе е присутен секаде во светот и има голема традиција. Во овој тип мечување поени се добиваат со чист удар во глава, или, пак, со хоризонтално или со вертикално пресекување на противникот. Мечот во овој спорт е направен од бамбус, а секој спортист е добро заштитен со одело, маска за лице и со дополнителни заштити во делот на стомакот, рацете и на нозете. Сепак, се работи за спорт бидејќи се натпреваруваат двајца борци кои се борат за поени. Кендото е боречка вештина која нема тежински категории и сите натпреварувачи се натпреваруваат меѓусебе. Нема ниту други селективни категории како борби и кати како во другите боречки спортови. Овој спорт има поделба само во машка и во женска конкуренција. Сите натпреварувачи се борат само за три медали. За да се стигне до медал на едно европско или светско првенство, еден натпреварувач ќе мора во еден ден да победи во осум па и во повеќе борби, така што патот до одличје е исклучително тежок. Може да се случи и еден натпреварувач да помине повеќе од шест часа на борилиште, што е исклучително тешко. Тој што ќе биде европски шампион е единствен. Ние буквално го славиме тој шампион бидејќи е единствен.

За да се добие меч во кендо мора да се освојат два поена. Натпреварот не е ограничен временски. Борбата може да заврши и за само неколку секунди, но неретко знае да трае и по половина час. Борбите се исцрпувачки не само на физички, туку и на психички план. Една деконцентрација може да чини и пораз.

Zlatko-Keskovski-sport185-2

Македонија на ова Европско првенство учествува со седум натпреварувачи. Колку се подготвени репрезентативците и кои се дострелите на нашата земја?

Кесковски: Нашата земја ќе земе учество во три натпреварувања. Репрезентативците се ќе се натпреваруваат поединечно во машка и во женска конкуренција и екипно во машка конкуренција. Подготовките сè уште траат и во соработка со јапонските инструктори кои се поранешни селектори на Јапонија имавме можност да испратиме таму двајца борци за да се подготват колку што можат подобро. Боите на Македонија ќе ги бранат Андреј Атанасовски, Менсур Бојда, Владимир Кесковски, Матеј Ивановски, Илија Андреевски и Матеј Јошевски во машка конкуренција и Марија Манасиевска во женска конкуренција.

Претстојниот викенд ќе одиме на пријателски двомеч со Србија на кој ќе имаме можност да научиме нешто дополнително бидејќи ќе присуствуваат и тројца сенсеи од највисоко ниво, благодарејќи на нашите добри односи, а истите тие ќе бидат присутни и на Европското првенство кај нас.

Zlatko-Keskovski-sport185-3

Македонија во екипна конкуренција најпрвин ќе се натпреварува во групи каде што мечевите ќе ги вкрстиме со бронзената репрезентација од минатото европско првенство, Шпанија, и селекцијата на Јужна Африка, која е придружен член на европската федерација. Првите две репрезентации одат понатаму и после, по пат на елиминација, се добива европскиот шампион. Цел и предизвик ни е да победиме против Шпанија и доколку тоа се случи, според распоредот кој следува, многу лесно нашата земја може да стигне и до осумте најдобри репрезентации на стариот континент. Очекувам Менсур Бојда и Владимир Кесковски, кои одработија одлични подготовки, да бидат носители на поените во екипна конкуренција во која се натпреваруваат по пет мечувалци, а еден е резерва. Како и во кој било друг спорт каде што се случуваат изненадувања од, условно кажано, помалите репрезентации на некое големо натпреварување, посакуваме нашата репрезентација да направи голем успех со пласман и во четири најдобри репрезентации во Европа или на полуфиналето. Тоа е можно затоа што, секако, предност е што се натпреваруваме на домашен терен, еуфоријата е на високо ниво, желбата за победа никогаш не изостанува, а морам да признаам дека имаме и одлични натпреварувачи.

 

Разговараше: Бо­јан Мо­ми­ров­ски
Фото: Александар Иванов­ски
(Интервјуто со Златко Кесковски е објавено во 185. број на неделникот Република, 18.03.2016)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top