| четврток, 6 декември 2018 |

Вечерва премиерно „Бетмен против Супермен“, ФХ3Х дел до ефектите

Филмот „Бетмен против Супермен“ (Batman vs Superman: Dawn of Justice), на чиишто визуелни ефекти работеше и македонската компанија ФХ3Х во соработка со студиото „МПЦ техникколор“ од Лондон, од вечерва ќе почне да се прикажува во Скопје.

Станува збор за продолжението на „Супермен: Човекот од челик“, каде што по првпат се појавуваат ликовите на Бетмен и на Супермен заедно и сè почнува со нивниот конфликт.

Кристијан Даниловски, косопственик на компанијата ФХ3Х, изјави дека на овој проект работеше тим од 77 луѓе, во периодот од јануари до декември 2015 година, на околу 200 кадри.

– Проектот го работевме во соработка со нашиот долгогодишен клиент „МПЦ техникколор“ од Лондон и, според првичните реакции на проекциите, нема да бидеме разочарани од сработеното. Бидејќи сите сме обожаватели на стриповите на „ДЦ комикс“, без да ја расипувам забавата, ќе кажам само дека очекувањата ќе ни бидат исполнети, а како особено пријатно изненадување, обрнете внимание на Вондер Вумн – изјави Даниловски.

Стравувајќи дека постапките на Супермен се оставени без надзор, Бетмен му се спротивставува на Супермен, додека светот дебатира каков суперхерој му треба. Покрај Лекс Лутор, се појавува нова закана, негативецот Думсдеј (Doomsday), чиешто име кажува дека негова задача е да го уништи светот. Бетмен и Супермен мора да ги тргнат сопствените несогласувања настрана, и заедно со чудото од жена Вондер Вумен да го запрат уништувањето на Метрополис.

 „Бетмен против Супермен: Зора на правдата“ освен Бетмен и Супермен, заедно по првпат во филмско остварување ги прикажува и Вондер Вумен, Аквамен, Флеш и Коборг.

Филмот е во режија на Зак Снајдер, според сценарио на Крис Терио и Дејвид Гојер. Во главните улоги настапуваат Бен Афлек како Брус Вејн, Хенри Кавил како Кларк Кент, Ејми Адамс како Луиз и Џеси Ајзенберг како Лекс Лутор.

Премиерата на „Бетмен против Супермен’ е вечер во 20 часот во киното „Синеплекс“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top