Белгиските медиуми објавија фотографија од двајца мажи, кои се осомничени дека го извршиле бомбашкиот напад на аеродромот во Брисел. Засега не е соопштен нивниот идентитет.
Претходно беше соопштено дека две лица се уапсени. Сепак, белгиското Министерство за надворешни работи изрази стравување дека уште од инволвираните се на слобода.
Светските медиуми соопштуваат дека во Брисел во тек е опсежна полициска потера, а се верува дека полицијата ги идентификувала осомничените за нападот.
Серијата експлозии утрово одекнаа на аеродромот и метрото во Брисел, при што во експлозиите во аеродромот загинаа најмалку 14 лица, а 92 се повредени, а во метро-станицата Малебек загинаа најмалку 20 лица и повредени се 106. Странските агенции соопштија дека најмалку една бомба содржела клинци, од кои се повредени 11 лица, од кои тројца се во критична здравствена состојба. Нивниот доктор соопшти дека стравува за нивното здравје бидејќи раните биле многу длабоки.
За нападот одговорноста ја презеде терористичката група „Исламска држава“.
Засега е потврдено дека бомбаш-самоубиец ги предизвикал двете експлозии на аеродромот Завентем околу 8 часот, а еден час подоцна повеќе експлозии се слушнале во метрото, во станица недалеку од зградата во која се наоѓаат институциите на Европската унија.
Три часа после нападите, полицијата изведе и контролирана експлозија во т.н. Европски кварт во Брисел, во кој се наоѓаат и институции на ЕУ.
Целиот град е во блокада, тревогата за безбедност во Брисел е на највисоко ниво, на улиците се распоредени полициски и воени единици, над градот летаат хеликоптери, а аеродромот и системот на подземната железница и јавниот превоз се евакуирани и затворени.
Белгиските медиуми наведуваат дека во тек е и евакуација на персоналот на нуклеарната електрана Тиханге, на југот на Белгија, откако, како што наведуваат медиумите, во еден од становите каде се криел Салах Абделсалам осомничен за нападите во Париз, пронашле многу видео-материјал од неговото шпионирање на директорот на електраната. Токму поради тоа полицијата има сомнение дека терористите можеби имаат за цел да ја разнесат цела електрана.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.