| четврток, 6 декември 2018 |

„Борба за смрт“ на Венинова во конкуренција на фестивал во Охајо, САД

Како што велат од екипата на „Борба за смрт“, претставувањето на филмот на овој фестивал е важно, бидејќи тој е на листата на Американската филмска академија

„Борба за смрт“, последниот филм на режисерката Елеонора Венинова влезе во официјална конкуренција на 43.издание на  Атинскиот Интернационален филмски и видео фестивал кој се одржува во Охајо, САД. Краткометражниот филм, кој беше завршен во јануари годинава премиерно ќе биде прикажан токму на овој фестивал, што ќе се одржи од четврти до 10-ти април во Охајо САД.

Како што велат од екипата на „Борба за смрт“, претставувањето на филмот на овој фестивал е важно, бидејќи тој е на листата на Американската филмска академија.

– Станува збор за фестивал чијшто победник се квалификува за учество во трката за најдобар краткометражен филм на „Оскарите“. Вложивме многу труд и енергија, и убаво е да се видат резултатите од нашата работа. Драго ми е што и овој филм ќе ја има својата премиера на еден значаен фестивал во САД. Во исчекување на премиера во Европа и Македонија, ќе биде интересно да видиме како ќе помине филмот на овој континент, со оглед на тоа што темата навидум е доста локална, но во суштина приказната е за осаменост, нешто што е универзално и со што може да се идентификува секој човек, било каде во светот – вели продуцентот и монтажер Гоце Кралевски.

Главни актери во филмот се Мите Грозданов и Илија Струмениковски, кои толкуваат ликови на двајца старци кои се расправаат за последното гробно место во едно запустено македонско село.

3ecf48b5-9f05-4a82-9f48-09105361be03

„Борба за смрт“ е парадоксална драма која ги разоткрива дилемите за тоа што ќе се случи ако на човек, кој животот го свел на исчекување на смртта, одеднаш некој му го уништи планот за умирачка.

Сценариото за филмот минатата година освои награда за најдобро сценарио на „Драма пичинг лаб“, работилница која се одржува во рамките на Интернационалниот фестивал за краток филм во Драма, Грција.

Покрај режијата на филмот, Венинова се потпишува и како сценаристка на ова остварување.

Директор на фотографија е Димо Попов, дизајнот на звук е дело на Дарко Спасовски, сценографијата e на Никола Ангеловски. Продукцијата е на ДНФ ФИЛМС.

Филмот е поддржан од Агенција за филм на Република Македонија, во соработка со „Канал 5“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top