| четврток, 6 декември 2018 |

„Волшебникот од Оз“ нова премиера на кумановскиот театар

Со претставата „Волшебникот од Оз“, според текст на Франк Лајман Баум, а во режија на Бојана Краљевска, НУЦК „Трајко Прокопиев“ – театар Куманово, ја отвора сезоната 2016 година со својата прва премиера.

volsebnikot_od_oz

„Волшебникот од Оз“ е претстава за деца, работена по мотивите од истоимениот роман на американскиот автор Франк Лајман Баум, кој иако напишан пред повеќе од сто години, до ден денес останува „модерна“ бајка, возбудлива и пленувачка за секоја нова генерација.

Освен забавата, оваа претстава носи и мошне поучна порака дека се тоа кон што се стремиме, можеме да го пронајдеме во себе, само треба да сме чесни, упорни и да не сме себични.

Лајмен Френк е роден на 15 мај 1856 година во Читенанго, а починал на 6 мај 1919 година во Холивуд. Л. Френк Баум беше познат американски детски писател, кој и е познат на публиката по својот роман „Волшебникот од ОЗ“. Во 1939 година, според истоимениот роман, беше снимен филм. Неговото творештво опфаќа: 13 романи кои се продолжение на авантурите во земјата на ОЗ, девет други романи, 82 приказни и над сто песни. Тој постојано настојуваше своите дела да ги пренесе на сцена или на филмското платно.

Актерска екипа ја сочинуваат: Сања Русеска, Марко Трајковиќ, Мартин Лазаревски, Александра Михајловска, Кети Дончевска Илиќ, Горан Илиќ. Режијата е на Бојана Краљевска, асиситент на режија и дизајн на постер е Антонио Пешевски, а драматург и музика Зоран Зафировски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top