Чешката полиција испрати соопштение во кое ги негира пишувањата на некои медиуми дека припадниците на контингентот во Македонија, распореден на македонско-грчката граница, непрофесионално се однесувале со активистите и сo новинарите во кампот Идомени, јави дописникот на МИА од Прага.
– Објавеното сведоштво за наводното непрофесионално постапување на полициски службеници на чешкиот контингент категорично го отфрламе. Минатиот понеделник, за време на обидот нелегално да ја преминат македонската граница, кој беше организиран од страна на активисти, чешкиот контингент беше распореден од страната на реката Вардар, но не и во текот на другите процесни дејствија извршувани од страна на македонската полиција во станицата во Гевгелија – се вели во соопштението.
Претходно, медиумите објавија наводно сведоштво на чешки државјанин кој бил малтериран од чешките полицајци и приведен во полициската станица во Гевгелија.
Во врска со тоа, чешката полиција ги оценува тврдењата како лажни, со оглед на фактот дека во станицата не бил уапсен чешки државјанин.
На физички и вербален атак од чешките полицајци на границата со Грција се пожали и австриската активистка Фани Милер Ури, која даде изјава за странските медиуми.
– Обидот на некои медиуми по секоја цена да добијат сензационална вест не треба да ги нарушува основните правила на новинарството, а тоа е да се информира од веродостојни извори – се вели понатаму во соопштението.
Чешката полиција тврди дека ,,сите полициски службеници кои се распоредени во странство за заштита на шенгенската граница правилно ги извршуваат своите задачи и нивниот професионален пристап е ценет не само од колегите од другите земји, но, исто така и од жителите на Република Македонија“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.