Екипата на Мега лекс направи вистинска сензација во полуфиналето на АБА-лигата победувајќи го Будуќност во двомечот од полуфуналната пресметка од плејофот со 2-0 и со тоа се пласираше во големото финале.
По првиот натпревар во Подгорица каде славеше и поведе со 1-0, младите кошаркари на тимот на менаџерот Мишко Ражнатовиќ собра сили и успеа да слави на домашен терен минимална победа од 76-75.
Црногорците имаат за што да жалат бидејќи по очајниот натпревар одигран во Подгорица, денеска со одличната четврта четвртина се најдоа во позиција да возвратат. Со тројката на Џенкинс на нешто повеќе од две минути до крајот резултатот гласеше 71-75 за Будуќност, но гостите оттогаш, па се до крајот не постигнаа ниту еден поен. На спротивната страна клучните поени од линијата за слободни фрлања ги постигна Николиќ, играч од школата на Будуќност кој никогаш не доби шанса во првиот тим на црногорскиот гигант. Тој ги постигна двата клучни „пенали“ на девет секунди до крајот, по што следеше конфузен последен напад на Будуќност и промашен шут на Кук, за огромна радост на домашните фанови во арената „Пинки“.
Луваву со 17 и Ивановиќ со 16 поени беа најдобрите поединци во таборот на Мега лекс, додека Драгичевиќ беше најефикасен кај Будуќност со 20 поени, но и очаен шут од поле 5/18.
Во второто полуфинале играат Црвена Звезда и Цедевита, а српскиот шампион води со 1-0.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.