Младиот Чеченец, 19-годишниот Џохар Царнаев, кој беше уапсен во спектакуларна потера четири дена по бомбашкиот напад на Бостонскиот маратон, сѐ уште е во болница и се наоѓа во критична состојба.
Како што јавуваат американските медиуми, тој претрпел тешки повреди на нозете, но и на грлото, така што, најверојатно, веќе никогаш нема да може да зборува. Засега против Џохар не е поднесено ниту едно обвинение, а не е јасно и за што може да биде обвинет. Тој ќе добие адвокат по службена должност, кој ќе се обиде да го ублажи обвинението, во кое е можно да се бара и смртна казна, оправдувајќи го со неговата ментална состојба и со годините.
Во меѓувреме, американските медиуми продолжуваат да „копаат“ за минатото на чеченските браќа и за нивните контакти со чеченските терористи. Повикувајќи се на извори од истрагата, медиумите пишуваат дека постариот брат Тамерлан Царнаев (26) имал директни контакти со чеченските терористи. Негов идол бил водачот на чеченските екстремисти од Кавказот, Дока Умаров, кого американските медиуми го нарекуваат рускиот Бин Ладен, кој досега организирал неколку крвави терористички напади во Русија.
ФБИ почнало да го следи Тамерлан пред неколку години откако добиле предупредување од руските разузнавачки служби. Русија е убедена дека тој бил во директна врска со терористите од Дагестан, каде што живеел две години пред да се пресели во САД. Сепак, и покрај тоа што бил следен и испрашуван, американските служби не утврдиле дека тој претставува закана. Американските власи најавиле истрага за овие пропусти.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


