| четврток, 6 декември 2018 |

Камен-темелник за повеќенаменско игралиште во Дексион

Повеќенаменско спортско игралиште, изградено по сите модерни стандарди, ќе биде израдено во населбата Дексион во општината Ѓорче Петров.

Игралиштето ќе биде готово за пет до шест месеци и во него ќе бидат вложени девет милиони денари.

Денеска на поставувањето на камен-темелникот присуствуваа градоначалниците на град Скопје и општина Ѓорче Петров, Коце Трајановски и Сокол Митровски, министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски, директорот на Агенција за млади и спорт Марјан Спасески, како и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.

Груевски одржа и средба со граѓаните од ова населено место, кои му предочија дел од проблемите со кои се соочуваат.

Пред нив беше посочено дека во моментов се работи на доизградба на булевар „Партизански одреди“, кој се проширува за уште половина километар.

Инвестицијата е вредна 40 милиони денари, а сумата ќе биде обезбедена од буџетот на град Скопје.

Во општината Ѓорче Петров, како што беше посочено, до крајот на годинава ќе биде завршен големиот проект за изградба на 15 улици, од кои досега се веќе изградени седум. Овој проект е вреден 1,2 милиона евра.

По барање на граѓаните беше договорена средба со министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски, на која ќе се наоѓаат решенија за решавање на нивниот проблем за легализација на куќите, поради проблеми со урбанистичкиот план.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top