| четврток, 6 декември 2018 |

Британците воведоа данок на пијалаци со шеќер

Британскиот министер за финансии Џорџ Озборн при вчерашната промоција на буџетот најави дека Велика Британија ќе биде една од првите земји во светот што ќе воведе данок на пијалаци со шеќер со цел да се соочи со зголемениот број лица со прекумерна телесна тежина, а парите што ќе се добијат ќе бидат пренасочени во развојот на училишниот спорт, пишува весникот „Индепендент“.  Тоа значи дека пијалаците што содржат шеќер веројатно ќе се продаваат поскапо. Иако Владата има за цел да се насочи кон компаниите, а не потрошувачите со цел да се натераат производителите да преземат иницијатива за да се намали нивото не шеќер во пијалаците, сепак не постои механизам што ќе ги спречи компаниите едноставно да ги зголемат цените на пијалаците.

G

Што се однесува до данокот, тој ќе зависи од тоа колку шеќер има во пијалакот. Со оглед на тоа што законот ќе влезе во сила од 2018 година, компаниите ќе имаат можност да го намалат нивото на шеќери пред тоа. За пијалаците со 5 грама шеќер во 100 мл ќе се плаќаат по 8 пени за литар, а за тие што имаат осум грама шеќер или повеќе ќе се плаќа данок од 24 пени за еден литар.

Според истражувањата на „Дијабетес ОК“, спроведени во меѓувреме, 43 отсто од луѓето во Велика Британија изјавиле дека би купувале помалку газирани пијалаци доколку нивната цена се зголеми за 20 пени.

Данокот ќе важи за сите пијалаци што содржат повеќе од пет грама шеќер во 100 милилитри, освен за природните сокови без шеќер и млечните пијалаци. Тоа значи дека Британците ќе плаќаат повисоки цени за „Кока-кола“, „Пепси“, „Фанта“, но и за детските сокови.

Само за информација, просечно шише од 600 мл засладен пијалак содржи околу 16 лажици шеќер. Дневната препорачана доза на шеќер, за лицата на возраст од 11 години и повеќе, е 30 грама или седум кафени лажички.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top