Соседите на Сирија треба да бидат растоварени преку обезбедување места за престој за 480 илјади сириски бегалци во следните неколку години, изјави синоќа високиот комесар на Обединетите нации за бегалци, Филипо Гранди.
– Трагедија со такви размери бара солидарност, која не треба да биде сведена само на финансирање – рече тој на петгодишнината од почетокот на сирискиот конфликт.
Осумстотини деведесет и осум илјади Сиријци, кои се кандидираа за азил во Европа меѓу март 2011 година и декември 2015 година предизвикаа политичка криза во Европа, поради што многу земји ги затворија границите или одбија да примат бегалци.
– Тензиите на кои беа подложени општествените услуги, како и нивните финансии ги принудија соседите на Сирија да го затегнат пограничниот режим – истакна Гранди.
Тој додаде дека како последица на тоа илјадници лица се заглавени во Сирија, без можност да ја напуштат нејзината територија.
Во февруари странските донатори ветија 5,9 милијарди долари помош за Сиријците, кои страдаат во нивната земја опустошена од војна, како и за тие што си заминале од неа.
– Но потребно е уште… Имаме потреба повеќе земји да го споделат товарот, со тоа што ќе примат поголем дел од бегалците во најголемата криза со раселување луѓе во изминатите 30 години – рече Гранди.
Владите во светот досега ветија место за сместување на 170 илјади Сиријци.
Врховниот комесаријат на ОН за бегалци се надева дека таа бројка ќе се зголеми за околу десет проценти од сириските бегалци, кои во моментов живеат во соседните земји и надеж гледаат во меѓународната конференција за прашањето за раселување на бегалци на 30 март во Женева.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.