Министерот за надворешни работи на Унгарија, Петер Сијарто, денеска од Брисел порача дека Европската унија треба да обезбеди финансиска поддршка, но и било каков друг вид на поддршка за Република Македонија, бидејќи според него земјата ја штити јужната граница на ЕУ од бегалците и мигрантите, јави дописникот на МИА од Брисел.
Во изјава за МИА, Сијарто посочи и дека Унијата, односно западните медиуми биле дволични кон Македонија кога објавувале дека македонската полиција ги тепа мигрантите, иако според унгарскиот шеф на дипломатијата ситуацијата била обратна и македонските безбедносни органи само ја штителе македонската територија.
- Како што знам, ние испративме најмногу полицајци досега за да и помогнат на Македонија кога станува збор за заштита на грчко- македонската граница. Нашата многу цврста позиција е дека Македонија има потреба и заслужува помош и асистенција од Европската унија, бидејќи всушност вие ја штитите јужната граница на Еворпската унија во моментов. Тоа е многу специјална ситуација со оглед на тоа што пристапните преговори се уште не се покренати со Македонија, но и покрај тоа ние очекуваме вие да ја штитите нашата јужна граница. Затоа, Унгарија смета дека вам ви е потребна релевантна и значајна помош и асистенција од Европската унија кога станува збор за финансиски прашања и помош во различни рамки- посочи Сијарто за МИА.
Според министерот за надворешни работи на Унгарија, токму поради сето ова неговата држава испратила материјали и полицајци и дека ќе продолжат тоа да го прават. Според Сијарто, Унгарија многу ги почитуваа македонските напори.
-Тука мислам дека Европската унија беше дволична. Пред се европската јавност и европските медиуми беа дволични кон вас кога вие ја штитевте својата граница и вашата полиција беше нападната од мигрантите. Тогаш, меѓународните медиуми објавуваа дека македонската полиција ги напаѓа „невините“ бегалци. Ние имавме слична ситуација на унгарската граница и ние сме свесни за фактот дека вашата полиција ја заштитуваше и бранеше вашата територија што е нивна обврска и одговорност на македонската полиција. Ние го отфрламе таквиот пристап и обидот да се претстави Макеоднија како ѓавол во овој поглед- дециден е Петер Сијарто.
Унгарскиот шеф на дипломатијата, на крајот потенцираше дека официјален Брисел треба и мора директно да го поддржи буџетот на македонската Влада, од кој се одлеваат огромни државни средства за справување со бегалската криза. За него е неспорно дека македонската држава заслужува помош од билокаков вид.
- Се на се, вие заслужувате финансиска поддршка, вие заслужувате секаков вид на поддршка и се што може Унгарија ќе направи во корист на Македонија во овој поглед- заклучи Петер Сијарто.
Пред овој став на унгарскито министер за надворешни работи, неговиот хрватски колега Миро Ковач, исто така за МИА, изјави дека „ да влезеше Република Македонија во НАТО, сега поинаку ќе го решававме проблемот со бегалците“, потенцирајќи дека мора барем да се отворат пристапните преговори на државата со Европската унија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.