
Европската комисија денеска посочи дека на Република Македонија, како земја што не е членка на Европската унија, ѝ се доделени 50 милиони евра помош од страна на Унијата за соочување со бегалската криза, притоа во детали образложувајќи како, за што и кому се доделени овие средства, јави дописникот на МИА од Брисел.
Ова детаљно образложение на неформалната Влада на ЕУ доаѓа како одговор на неодамнешната изјава на македонскиот претседател Ѓорге Иванов дека „ЕУ не доделила ниту цент помош за Македонија“ во однос на проблемот со бегалците. Според официјален Брисел, значајна поддршка од страна на Европската комисија се обезбедува на земјите од Западен Балкан, вклучително и за Македонија, што според нив ја надополнува дадената помош за Грција.
- Целокупната поддршка за ПЈР Македонија за активностите поврзани со миграцијата и со менаџирање на азилантските барања и граничното управување, како во минатото, така и според планираното, изнесува речиси 50 милиони евра. Овие средства се наменети за реновирање на полициските станици на границите, борба против трговијата со луѓе и зајакнување на капацитетите на полицијата за гранично управување - наведуваат од Европската комисија.
Според неформалната Влада на ЕУ, натамошна финансиска поддршка од ЕУ се планира за Македонија со цел да ѝ се помогне во спроведувањето на својата миграциска политика преку голем број различни активности, вклучително и преку подобрување на инфраструктурата, опремата и компјутерска поддршка за правилно функционирање на државната политика за азил и миграција. Исто така, според официјален Брисел, овие средства се и за зајакнување на функционирањето на визната политика, за борбата против трговијата со луѓе и поддршка на жртвите против трговијата со луѓе и насилство, како и за подобрување на условите во полициските станици и зајакнување на капацитетите за обука и образование во областа на внатрешните работи.
Особено од почетокот на бегалската криза во летото 2015 година, 16 милиони евра, од кои 10 милиони евра во февруари се распределени за да и се помогне на ПЈР Македонија да ги подобри своите системи за гранично и миграциско управување во контекст на бегалската криза. Ова вклучува систематски гранични проверки и граничен надзор, идентификација и регистрација на државјани на трети земји што ја преминуваат границата на регуларен и нерегуларен начин и борба и спречување на шверц на мигранти, трговија со луѓе и прекуграничент криминал со целосно почитување на владеењето на правото и основните права, наведуваат од Еврокомисијата. Во однос на хуманитарната помош на ЕУ што е предвидени за земјите од Западен Балкан за бегалската криза е обезбедување на луѓето што имаат потреба од привремено засолниште, храна, здравствена заштита, а особено заштита на децата во Србија и Македонија.
Вкупната хуманитарна помош на ЕУ за земјите од Западен Балкан во контекст на бегалската криза изнесува 21,74 милиони евра. Ова вклучува 13 милиони евра објавени на 10 декември 2015 година, од кои 2,5 милиони евра за УНХЦР и дополнителни три милиони евра што ќе бидат договорени пред 15 март за испорака на привремено засолниште, топол оброк и други предмети и услуги за заштита на бегалците и мигрантите во движење или оние што се заглавени. Досега, од 21,74 милиони евра, веќе се доделени 11.24 милиони евра од кои осум милиони евра за Србија и 3,1 милиони евра за ПЈР Македонија, наведуваат од Европската
комисија.
Во Комисијата потенцираат дека „финансирањето се канализира преку клучни хуманитарни партнерските организации и агенции на Обединетите нации“, како што се УНИЦЕФ и УНХЦР, а кои, според официјален Брисел, се активни во овие земји. Притоа, има посебен фокус за поддршка на најранливите во текот на зимскиот период.
Исто така, на почетокот на оваа година мандатот на регионален фонд на ЕУ, како одговор на кризата во Сирија е проширен за да може да работи и во Западниот Балкан. Овој Фонд, според Европската комисија сега може да им помогне на властите во земјите од Западен Балкан за одговор на еластичноста од потребите за мигрантите или бегалците на територијата на овие држави.
Овој Фонд има за цел да донесе повеќе кохерентен и интегриран одговор на ЕУ во однос на кризата со спојување на различни финансиски инструменти и придонесот од земјите-членки на ЕУ и од други донатори во еден единствен флексибилен и брз механизам. Ова е за решавање на подолг рок на еластичните потреби главно за бегалците од Сирија, како и заедниците домаќини и нивните администрации, потенцираат од Еврокомисијата.
За оваа регионална мерка на Европската унија се разговара со различните засегнати страни и според ЕК се очекува да биде лансирана во наредните недели.
Во однос на тоа каде одат парите што ЕУ ги наменува како помош за Македонија и за другите земји кои не се членки на ЕУ, одговара портпаролката на Европската комисија, Маја Коцијанчич: Мора сите да бидат свесни за една важна работа, а тоа е дека правилата за тоа како ние ги користиме парите на даночните обврзници се многу строги. Ние само не ги ставаме парите на ЕУ на владините банкарски сметки. Ние ги поддржуваме или обезбедуваме фонд со опрема за активностите врз основа на идентификуваните потреби- децидна е Коцијанчич.
Првиот гласноговорник на Европската комисија, Гркот Маргаритис Схинас, пак, денеска посочи дека е јасно дека Грција е земјата што е соочена со големиот проблем со бегалската криза, а не Македонија.
- Доколку се погледне ситуација сега и ако видите од која страна на границата е потребно повеќе помош, одговорот е очигледен. Не е мое да потцртувам каде е проблемот и каде се луѓето на кои им треба поддршка. Сите имаме привилегија тоа да го видиме. Ова е процес што се одвива и кога ситуација е поинаква и има движење низ БЈР Македонија и сите останати држави на балканската маршрута, ние имаме многупати објавено колку пари имаме дадено за подрршка, како на БЈР Македонија, така и на други земји. Не се сомневајте дека сега ситуацијата се промени- потенцира портпаролот Схинас.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


