Бројот на жртвите од синоќешниот терористички напад во Анкара веќе достигна 37 лица, информира денеска министерот за здравство Мехмет Мјуежиноглу, цитиран од турските медиуми.
– Околу 70-тина од повредените сѐ уште се во болница, од кои 15 се наоѓаат во критична состојба – изјави тој.
Двајца атентатори, маж и жена, веројатно се извршители на нападот во престолнината, информира денеска турскиот весник „Хабертурк“. Идентитетот на осомничената жена-самоубиец бил утврден уште синоќа.
Автомобилот што синоќа беше употребен во бомбашкиот напад бил украден на 10 јануари во округот Шанлаурфа, во јужна Турција, информира „Хабертурк“.
Автомобилот „БМВ“ од 1995 година, бил сопственост на повозрасна жена, а имал регистерски таблички од Истанбул. Првично тој бил одвезен во Дијарбекир, а потоа на 26 февруари пристигнал во Анкара.
Полицијата во Анкара пред две недели, на 27 февруари, била крената на нозе за да бара автомобил-бомба во реонот Казали, каде што синоќа беше извршен атентатот, се открива уште од истрагата.
Разузнавачките служби претходно предупредија дека лидерството на терористичката Курдска работничка партија (ПКК), која поднесе тешки штети во операциите на владините сили во турскиот југоисток, се одлучило да изврши атентат пред курдската Нова година – Невруз.
Во последните недели на соодветните служби им биле испратени индиции дека ПКК има подготвеност да спроведе напади со шест автомобили-бомби, што биле барани главно во градовите од источна и од југоисточна Анадолија.
Подготовката на овие автомобили се изведувала во Ирак и во Сирија, по што тие биле испраќани во Турција, прецизира „Хабертурк“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.