| четврток, 6 декември 2018 |

Заврши седмото издание на „Робомак 2016“

На меѓународниот натпревар за роботика и вештачка интелигенција „Робомак 2016“, кој се одржа во Домот на АРМ, беа доделени награди за учесниците во разни категории.

robomac_3_foto_igor_donevski

Георги Костов, претставник на студентскиот огранок на Македонската секција на Институт за инженери од електротехника и електроника (ИЕЕЕ) и главен организатор на настанот, е изненаден од заинтересираноста за финалниот натпревар и од многубројната публика во салата каде што се одржа финалето.

-Навистина се потрудивме финалната вечер да биде на повисоко ниво во однос на претходните годни и успеавме во тоа. Сакам да му се заблагодарам на тимот што го организираше настанот, на Факултетот, на спонзорите и поддржувачите, како и на учесниците. Моја желба е следниот „Робомак“ да стане уште препознатливо име на глобално ниво – вели Костов.

Милош Вујадиновиќ, студент на Електротехничкиот факултет во Белград, Србија, вели дека ова е сериозно искуство со роботиката и системите за управување во реално време.

-Бидејќи немам практично искуство со роботика и системи за управување во реално време, мислев дека ќе биде многу тешко. Но, видов дека сето ова е само надградба на она што теоретски сум го совладал. На мојот факултет нема услови за организирање на ваков настан за практичен допир со роботиката. Тука научив дека има голема разлика во теоријата и равенките напишани на табла од практичниот начин на работа – објаснува Вујадиновиќ.

Овој студент планира да преземе иницијатива за организирање на ваков настан во Србија и секако, да учествува на следниот меѓународен натпревар „Робомак“.

Победниците во една од најтешките новововедени категории, насловена како „Сферо“, веруваат дека овој успех ќе им отвори нови врати и ќе го зголеми интересот во областа во која се натпреварувале.

-Секако, освен победата, натпреварот го завршуваме со многу знаења и со незаменливо искуство. Предизвик е нешто што сте учеле теоретски, практично да го имплементирате. Сепак, сите ние, на некој начин, сме победници – рекоа од тимот на „Сферо“ за завршување на натпреварот.

На седмиот натпревар за роботика и вештачка интелигенција учествуваа 65 учесници од земјава и 15 од странство. Тие се натпреваруваа во категориите Сумо, Трка, Хуманоид и Вештачка интелигенција, а од годинава и во Генерирање траекторија на топка – робот (sphero) и симулација на квадкоптер.

Освен натпреварот, студентите учествуваа на работилници и предавања за роботиката и најновите научни достигнувања.

Домаќин на „Робомак 2016“ е Факултетот за електротехника и информациски технологии при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top