Вредни лични предмети поврзани со животот и спортската кариера на великанот на македонскиот спорт и четирикратна светска шампионка во маратонско пливање Атина Бојаџи (1944-2010) ќе му бидат подарени на Музејот на Македонија.
Договорот за подарок на предметите денеска го потпишаа Новак Видаковиќ, синот на Атина Бојаџи, и директорката на Музејот Мирјана Нинчовска.
Музејот на Македонија со тоа добива збирка со нејзини предмети, меѓу кои и пехари, медали, трофеи, плакети, ордени и други спортски одликувања, како и лични предмети и фотографски и аудио-визуелни материјали, кои како предмети од културно-историска и национална вредност претставуваат траен влог во спортската збирка на Музејот.
При потпишувањето на договорот, Видаковиќ истакна дека имал желба да ги подари предметите во Музејот на Македонија, како врвна национална установа.
– Најзначајните трофеи на мојата мајка со цел трајно да се зачуваат, но и за да се афирмираат нејзините постигнувања како инспирација за идните генерации. Особено сум трогнат што оваа донација на збирката на мојата мајка Атина Бојаџи се случи токму денеска на денот од нејзиното раѓање – рече Новаковиќ.
Во име на Музејот на Македонија, директорката Нинчовска искажа благодарност кон Новак Видаковиќ за неговиот благороден гест да ги подари без надомест и во трајно наследство на Македонија највредните предмети поврзани со животот на неговата мајка.
– Овие матерјални сведоштва, кои имаат значење за историјата на македонскиот спорт, ќе добијат најсоодветна заштита, како и стручна обработка и јавно презентирање. Музејот на Македонија, во рамките на своите програмски активности, во иднина ќе ја презентира оваа збирка било во вид на повремена изложба или поставка или во вид на избор од движните предмети во рамки на тематски и други изложби или повремени поставки организирани од Музејот и преку други форми на презентација со цел за афирмирање на македонскиот спорт и на националната историја – рече Нинчовска.
Меѓу порадените предмети се и првиот пехар на Атина Бојаџи освоен на првиот Охридски светски пливачки маратон на слатки води одржан во 1962 година, оригиналната диплома за нејзиното препливување на каналот Ла Манш во 1969 година, како и уште дваесетина други пехари, медали, ордени и признанија за нејзините спортски достигнувања, како и за нејзината хуманитарна дејност.
Атина Бојаџи е еден од спортските ветерани на Македонскиот олимписки комитет. Прогласена е за спортист на 20 век, преку јавна анкета на „Утрински весник“ во која учествуваа голем број македонски граѓани. Во нејзината победничка серија се и триумфите на пливачките маратони Капри-Наполи во Италија и Бејрут-Саида во Либан, како и на светскиот маратон во Канада. Во септември 1969 година, Атина Бојаџи го преплива каналот Ла Манш – предизвик за сите пливачки маратонци, совладувајќи ги неговите околу 40 километри за 13 часа и 20 минути. Атина Бојаџи е едниствената Македонка и единствената жена од Балканот што го препливала Ла Манш.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст