Македонија во следните три години ќе добие поддршка од Швајцарија за развој на органското производство.
Ова е договорено со Меморандумот за разбирање и соработка што го потпишаа министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Михаил Цветков и директорката на Програмата за зголемување на пазарната вработливост на швајцарската Фондација за техничка соработка Розанди Лоу.
Како што соопшти Министерството за земјоделство, соработката предвидува Македонија и Швајцарија да ги координираат заедничките активности за раст на органскиот земјоделски сектор во земјава преку воспоставување врска меѓу органските производители и потрошувачите, зголемување на свеста за придобивките од органски производи и зајакнување на довербата на потрошувачите.
Партнерството вклучува изработка на брошури, промотивни материјали и софтверски алатки за органско земјоделско производство, спроведување обуки во областа на земјоделството и руралниот развој, како и создавање услови за подобра вработливост на жените и младите лица.
– Вашите активности се вклопуваат во нашите планови за развој на органското производство. Нашите интенции се да ги мотивираме малите земјоделски стопанства кои сочинуваат околу 70 до 80 отсто од вкупните стопанства да произведуваат органска храна преку обуки на производителите, олеснување на набавката на дозволените заштитни средства, ѓубрива и семенски материјал, а планираме да воспоставиме и систем на договарено производство на ист квалитет со што ќе се добиваат поголеми извозни количества, истакна министерот Цветков кој ги образложи мерките за поголемо органско производи и преработки.
Според директорот на Програмата Розанди Лоу, веќе постојат одредени контакти и има почетен интерес на производители на органско семе од Швајцарија за соработка со македонски компании.
– Работиме заедно со органските земјоделци на изнаоѓање можности за пласирање на органските производи на странски пазари, но и на подобрување и осовременување на квалитетот на нивните производи, рече Лоу.
На потпишувањето на Меморандумот присуствуваше и Катарина Штокер, заменик амбасадор на Швајцарија, која ја истакна долгорочната соработка меѓу двете земји во областа на органското земјоделство.
– Швајцарија подолг период го помага развојот на органското производство во Македонија. Со потпишувањето на овој документ, помошта продолжува преку заеднички и координирани активности на Министерството и Програмата за зголемување на пазарната вработливост и применување на швајцарски искуства и знаење за развој на секторот, истакна Штокер.
Програмата за зголемување на пазарната вработливост (Increasing Market Employability – IME) е програма на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) имплементирана од водечкиот партнер Swisscontact, во соработка со локалниот партнер ПРЕДА Плус. Првата фаза од програмата се имплементира од 2015 до 2019 и е со буџет од 6,25 милиони швајцарски франци. Програмата работи во три сектори: туризам и угостителство, креативни индустрии и зелена економија. Очекуваните клучни резултати од програмата се, во период од четири години да се создадат повеќе од 2.000 директни или индиректни работни места и да се зголеми нето приходот на повеќе од 1.000 мали и средни претпријатија за 1,5 милиони евра.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст