Една третина од децата што се презентираат со клинички знаци на инфекција на мочните патишта имаат некаква вродена аномалија на бубрезите и на уринарниот тракт. Според статистичките податоци, околу 40 до 50 отсто од децата што се на дијализа имаат некаква развојна аномалија на бубрезите и на уринарниот тракт.
Ова денеска на одбележувањето на Светскиот ден на бубрегот го истакна Велибор Тасиќ од одделот за нефрологија при Детската клиника, кој рече дека многу е битно рано да се превенира бубрежната болест. Посочи дека во Македонија сè уште се проблем вродените аномалии на бубрезите и на уринарниот тракт.
Фокусот на годинашното одбележување на Светскиот ден се децата и бубрежните болести, а мотото е „Децата и бубрежните болести – дејствувај навреме за да ги спречиш“.
– Значи нашето дејствување треба да биде во однос на рана дијагностика, рана терапија. Во моето предавање ќе зборам за некои фактори што водат до прогресија на бубрежната хронична болест, за што треба да бидеме свесни. Тоа е глобалната епидемија на здебеленоста, адолесцентното пушење…, рече Тасиќ и додаде дека мајката треба да внесува здрава исхрана, витамини и да има регулирано ниво на шеќерот во крвта, кои се битни фактори да има здраво бебе и здрави бубрези.
Претседателот на Здружението на бубрежно болни граѓани „Нефрон“, Љубинко Трпеновски рече дека во Македонија постојат можности за рана детекција на бубрежните болести уште кога бебето е во употребата на мајката, во доенечка и во текот на детската возраст.
Од Здружението на бубрежно болни граѓани „Нефрон“, пак, на одбележувањето на Светскиот ден на бубрегот упатија апел дека процесот на трансплантација треба да продолжи и додека не биде готов новиот центар за трансплантација пациентите да се трансплантираат во постојниот центар.
Претседателот на Извршниот одбор на „Нефрон“, Душко Ѓорѓиев повика да се дозволи двојките што имаат обезбедено орган, а тоа се повеќе од 15, да бидат трансплантирани во постојниот центар.
– Кога ќе биде готов новиот центар тогаш нека почне со работа. Меѓутоа, додека не се направи тој центар, пациентите да можат да се трансплантираат во постојниот центар, каде има и опрема и кадар. Апелираме процесот на трансплантација да продолжи. Во претходните девет месеци не е направена ниту една трансплантација од обезбеден орган – истакна Ѓорѓиев.
Посочи дека со воведувањето на концесионерите во дијализата условите се подобрени, опремата е подобрена, но уште може да се направи за дијализниот третман да биде уште попријатен и подобро изведен.
Одговарајќи на новинарско прашање Тасиќ рече дека на Клиниката за детски болести има тројца детски нефролози. – Ни треба едуцирање на нови млади кадри. Со четири нефролози може да се излезе на крај – рече Тасиќ.
Според Трпеновски, станува збор за проблем на кој треба да се работи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст