| четврток, 6 декември 2018 |

Најавени нови програмски содржини на „Мајски оперски вечери“

Сони Петровски, уметничкиот директор на Мајските оперски вечери чиј организатор и домаќин е Македонската опера и балет, најави дека годинава ќе бидат збогатени со нови содржини.

Петровски посочи дека годинава во Скопје премиерно ќе се организираат, а со цел да прераснат во традиција и „Мали мајски оперски вечери“ наменети за најмладата публика.

– Мајските оперски вечери се најзначајната манифестација од областа на оперската уметност. Оваа година ќе добијат нов лик со зголемен број на претстави, и ако досега имало по пет до шест претстави, годинава ќе има три пати повеќе. МОБ веќе подготвува премиера на претставата „Евгениј Онегин“ од Чајковски, што ќе ја режира Дејан Пројковски, сценографијата е на Валентин Светозарев, а костимографија на Марија Попучевска – сите битолчани, рече Петровски.

На Мајските оперски вечери ќе има еден атрактивен гала концерт со три многу значајни и актуелни контратенори, а новитет е паралелната манифестација за најмладите „Мали мајски оперски вечери“, која ќе биде наменета за публиката од претшколска и школска возраст.

– За таа цел ја подготвуваме премиерата на детската претстава „Црвенкапа“ во режија на битолчанецот Цветан Стојановски, истакна уметничкиот директор на МОБ-Скопје, Сони Петровски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top