Марија Шарапова ја очекува пауза од тениските терени откако била позитивна на допинг-тестот направен врз неа за време на ОП на Австралија . Многумина очекуваа Русинката поради проблеми со повредите да обелодени крај на кариерата, но таа ја шокираше спортската јавност со откритието дека не успеала да го помине допинг-тестот во Мелбурн.
– Сакам да ја известам јавноста дека добив известување од страна на ИТФ дека не сум го поминала допинг-тестот направен за време на ОП на Австралија. Целосно ја преземам одговорноста за своите дејства, искрено жалам што ги изневерив навивачите, што го изневерив спортот што го играм уште од четиригодишна возраст и се надевам дека ова нема да биде крај. Знам дека многумина од вас очекуваа да кажам дека ја завршувам кариерата, но кога еден ден ќе го сторам тоа, нема да биде во центарот на Лос Анџелес, во хотел со ваков грд тепих – за момент се пошегува руската тенисерка.
Таа откри и детали за лекот што ја содржел недозволената супстанција, која од 1 јануари се нашла на забранетата листа на ВАДА.
– Станува збор за лек што го земам веќе десет години, откако имав проблем со недостиг од магнезиум во крвта. Тој лек во својот состав содржи супстанција мелдониум, која се наоѓа на листата на забранети супстанции. Антидопинг-агенцијата ВАДА на 22 декември ми прати е-порака со новите супстанции што се наоѓаат на забранетата листа, јас не ја прочитав таа порака и не забележав дека лекот што го земам за моето здравје може да ми создаде вакви проблеми. Без оглед на сѐ, вината е само моја и целосно ја преземам одговорноста – истакна Шарапова.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.