| четврток, 6 декември 2018 |

Динко го лови секој мигрант што сака да влезе во Бугарија: Ако тие смеат да фрлаат бомби, тогаш смеам и јас

Со затворањето на македонската граница повторно многу бегалци кон Западот би можеле да тргнат преку Бугарија. Но, позната е бруталноста на бугарските полицајци, а сега уште и граѓаните организираат патроли за да ги „ловат“ бегалците.

– Од нашето село до границата има седум километри. Сите што успеваат да ја поминат граничната ограда одат покрај нашето село – вели за „Дојче веле“ 76-годишниот Коста, додека ги чува козите на една ливада.

Тој е еден од само 18 жители на Долно Јабалково, село во кое свеж леб се доставува само трипати неделно, а мобилните телефони речиси и да немаат прием.

Меѓутоа, неодамна, Долно Јабалково стигна во ударните вести и тоа благодарение на Динко Валев. Тоа момче од блискиот град Јамбол стана херој на таблоидна колумна, бидејќи патролира по должина на границата со Турција, каде што, наводно, досега „со голи раце“ фатил 25 бегалци.

Моментно Динко се обидува да собере доброволци за „лов на бегалци“.

– Сите што ќе ги фатиме остануваат во наши раце… Јасно е дека сакам да ги убијам, па и тие мене сакаат да ме убијат, зар не? – рече момчето во едно телевизиско интервју.

На својата подготвеност на насилство Валев во разговор за Дојче веле изјави: „Ако тие смеат да фрлаат бомби, тогаш смеам и јас“.

За него работите се кристално јасни, секој бегалец е џихадист. Потврдува дека основа „граѓанска патрола“ која треба да шета по граничниот појас од следната недела.

Вози тенк и јава коњ

2111002807

Таквата иницијатива за сега не ја возбудува бугарската полиција. Министерката за внатрешни работи Румјана Бачварова ги повика медиумите да ја информираат полицијата ако имаат сознанија за незаконски дејности, но воинствените искази и најавите на младиот Динко Валев ги нарече само „необични“.

– Динко не треба да се сфаќа сериозно, вели еден локален политичар кој бараше да остане анонимен. – Тој само сака да привлече внимание, па постојано прави глупости. На пример, возеше тенк по селскиот пат, јаваше на коњ среде главниот плоштад, а со својот моторцикл лови минувачи по плочникот – додаде тој.

Според сопствените тврдења, Динко е успешен трговец со старо железо кој често престојува во странство. Но, на „Фејсбук“ напишал дека „Дамаск е полн со џихадисти“. Еден пријател во коментар го охрабрувал Динко сите да ги убие кога е веќе на самото место. На социјалните мрежи младиот Бугарин ужива статус на „суперхерој“.

Веќе се нашле 20 „доброволци“ за народната гарда, додуша, тие засега се само членови на групата на „Фејсбук“. Меѓу нив има и познати локални политичари.

На пример, Слав Славов е член на владејачката бугарска партија во чие име се обиде да стане шеф на месната заедница во селото Веселиново. Во едно интервју ја поддржа народната гарда и повикал на „повеќе национализми“.

Меѓутоа, во разговор за „Дојче веле“, Славов се жали дека од партијата го повикале и го натерале да повлече некои претходни изјави. Сепак, тој останува одлучен противник за бегалците. – Одете во селата на границата, ќе видите постари луѓе како плачат бидејќи странците ги напаѓаат и ограбуваат – тврди Славов.

Официјална и неофицијална верзија

133062771

Во селото Долно Јабалково никој не плаче. Ниту еден од 18 селани не слушнале дека бегалците ограбиле некого. Стариот овчар Коста се лути поради изјавата на националистот. Вели дека често прво им помага на бегалците, па потоа ја информира полицијата.

– Земаат само леб. Како никогаш во животот да не виделе леб! Што сака тој Динко? Да ги коле тие луѓе? – вели Коста.

На денот на нашиот разговор забележани се само три „илегални влегувања“ во земјата, според актуелниот извештај на пограничната служба. Се очекува бројот да порасне. Моментно, месечно доаѓаат 1.500 бегалци од Сирија, Ирак и од Авганистан. Главно одат понатаму во Србија, ретко во Романија.

Но, не се сите селани расположени да им помогнат на мигрантите, како Коста. Еден друг овчар, кој не сака да го каже своето име, бара да се пука на бегалците. Зборува со руски акцент, вели дека е роден во Баку и дека за време на СССР се борел во Авганистан. – Сите мигранти се терористи, вели овој човек и не дава да „го измамат потресни приказни за прегладнети жени и деца“.

И еден припадник на граничната полиција се согласува со тоа. Вели дека полицијата не стигнува да ја контролира целата граница и дека и се потребни луѓе како Динко Валев. Додава дека оградата на границата со Турција, која официјална Софија брзо ја приведува кон крајот, сама по себе не е никаква пречка за бегалците.

Во тој момент стигнува неговиот колега граничар, носејќи кафе во пластични чаши и нашиот соговорник брзо го коригира својот исказ и преминува на официјалната верзија: „Граничната ограда е одлична, а полицијата може да си ја врши својата работа и без народната гарда“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top