| четврток, 6 декември 2018 |

Жените се подобри возачи, учат брзо и ги почитуваат правилата

Жените возачи се многу повнимателни при возење, во споредба со мажите, тврди Мерита Мустафаи, член на РСБСП. Од нејзиното искуство како возач инструктор, Мустафаи вели дека жените не само што брзо ги учат возачките вештини, туки и се поодговорни  и повеќе се придржуваат кон сообраќајните правила и прописи.

merita

Колку се присутни женитe како возачи и како тие се однесуваат во сообраќајот?
Мустафаи: Пред дваесетина години, жените-возачи можеа да се избројат на прсти. Последниве години, нивното присуство во сообраќајот е нормална појава и никој не посветува внимание дали зад управувачот седи жена или маж. Денес, сѐ повеќе гледаме жени во убави и скапи коли кои во ништо не се разликуваат од мажите-возачи. Надминати се предрасудите, дека жена не може да вози добро, дека има проблем со возење во рикверц, или пак, со паркирање. Но, има нешто, по што се разликуваат жените-возачи, тие се многу повнимателни при возење, поодговорни се, и повеќе се придржуваат кон сообраќајните правила и прописи. Ретко може да се види жена да ги потценува последиците од пребрзото возење.

Што мислите вие, колку жените имаат професионална определба да се занимаваат со возење и сообраќај и кои се вашите искуства?
Мустафаи: По професија сум дипломиран сообраќаен инженер, имам работено долги години како инструктор, а сега подолг период предавам сообраќајни предмети во средно училиште. Искуството покажува дека сообраќајот и возењето сѐ уште се на некои начин професии резервирани за мажите и покрај тоа што сѐ повеќе жени се охрабруваат да седнат зад воланот и професионално да се занимаваат со возење и сообраќај. Ова особено е изразено во западниот дел од државата, каде нема воопшто ниту жени професионални возачи, ниту сообраќајни инженери. Друга е сликата во главниот град, иако и таму не е силно изразен професионалниот ангажман на жените во сообраќајот и возењето. Од моето искуство како возач-инструктор, можам да кажам дека жените многу брзо учат и предност им е тоа што немаат предходно искуство со возење, па сите навики, вештини на возење и сообраќајни правила ги учат на најдобар можен начин и истите правилно ги совладуваат.

Колку жените се присутни во работата на РСБСП и каква е нивната улога?
Мустафаи: Од 29 членови, колку што брои РСБСП, 8 се припаднички од понежниот пол. Секоја на свој начин придонесува за што поуспешно работење на Советот, користејќи ги своите искуства од своите работни места. Имаме различни професии и на некој начин, се надополнуваме, сѐ со цел што подобро да функционира Советот. Од досегашното работење на овој состав на РСБСП, можам да заклучам дека сите го даваат својот максимум и активно се вклучени во неговата работа, а тоа всушност го покажуваат и резултатите и препознатливоста на РСБСП, како водечка институција која се грижи за унапредување на сообраќајно-превентивното дејствување во Република Македонија.

Кои се активностите што ги превзема РСБСП во однос на унапредување на безбедноста на сообраќајот?
Мустафаи: Најновиот состав на РСБСП е со мандат веќе една година. За ова време, реализирани се многу кампањи, за сите ранливи категории на учесници во сообраќајот, кампањи за безбедно возење без алкохол, голем број предавања низ градинките, училиштата и факултетите, организирани се повеќе сообраќајно-едукативни трибини, тркалезни маси во кои се третирани различни теми кои одат во прилог за унапредување на безбедноста во сообраќајот, итн. Постојано, РСБСП е присутен во јавноста со разни кампањи, нема месец во кој не се реализира некоја од нив. Последно што се организира е настанот по повод 8-ми март, кој ќе се реализира во соработка со АМСМ, под мотото Жената-фактор за поголема безбедност во сообраќајот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top