| четврток, 6 декември 2018 |

Куманово остана без финале во БИБЛ лигата

Кошаркарите на Куманово не успеаа да се изборат за пласман во финалето на БИБЛ-лигата, откако загубија со 76-85 од актуелниот шампион Галил Гилбоа. Израелците беа подобри во текот на целиот меч и заслужено ќе играат за одбрана на трофејот, со победникот од бугарската пресметка во Самоков, меѓу Левски и Рилски спортист. Кумановци ќе играат во малото финале.

Израелскиот претставник ги доби првите 3 четвртини од мечот, против ослабениот тим на Куманово, кој настапи без повредениот македонски репрезентативец Димчевски. Само на почетокот и во самиот финиш од натпреварот, Куманово одигра во препознатлив стил, што беше премалку да се слави во полуфиналето. Со двете тројки на Ли и на Костовски, македонскиот тим поведе, ја одржуваше предноста до самиот финиш на првиот период, но сепак Израелците заминаа на пауза со позитива од 21-18. Оттогаш тие постојано водеа, најмногу со 17 поени разлика, 63-46, а финишот на Куманово беше задоцнет.

Нашите кошаркари намалија на само 5 поени негатива во средината на последниот квартал, но немаа сили за целосен пресврт. Костовски беше најефикасен на мечот со 29 поени, Луковиќ и Ли дадоа по 14 поени, а проблем беше што никој друг освен ова трио немаше двоцифрен учинок.

Кај победникот, поранешниот израелски репрезентативец Грин, постигна 19 поени, со 10 скока, а Сандерс додаде 13 поени.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top