| четврток, 6 декември 2018 |

ОЈО ја предаде целата документација со сите списи и докази за предметот „Пуч“, се друго е манипулација на СЈО

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција во денешното соопштение наведува дека ја има предадено вкупната документација со сите списи и докази за предметот познат во јавноста како „Пуч“ при преземањето на надлежноста од Јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите​.

ojo

– Разликата што се појавува во однос на доказите е во класифицираните материјали за кои не постои втор примерок, односно единствениот примерок е предаден во Основниот суд Скопје 1 – Скопје при поднесување на обвинението. Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ниту задржува, ниту има списи и докази за кој​ било предмет што не е во негова надлежност – се вели во соопштението.

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција нагласува дека со истите докази што се веќе предадени на Специјалното јавно обвинителство, претходно го застапуваше обвинението во предметот пред судот.

Во однос на класифицираните материјали, поранешнот обвинител Сотир Костов објаснува дека доказите кои претставуваат и кои подлежат под класификација се изработуваат во онолку примероци колку е потребно. Од нив не се прават копии, ниту пак Обвинителството задржува кај себе таков материјал.

По новиот Закон за кривична постапка сите докази се даваат на секој учесник во постапката, но за класифицираните си има посебен закон според кој се знае во каква постапка и кој се може да има увид. За објаснување, класификувањето си има свое рангирање, а исто такво степенување имаат и оние кои можат да имаат пристап до класификуваните примероци. Степенуваните материјали според законот се изготвуваат во определен број потребни и неопходни примероци, објаснува Костов, кој што и самиот има сертификат за увид во класификувани материјали.

-Во случајот, ако Обвинителството го предало предметот на судот не би требало да има списи кај нив- посочува Костов. Судот пак, треба да овозможи тимот на СЈО да направи увид во класифицираните материјали во простории определени со посебни правила согласно степенувањето, но сепак не може да и се направат копии, додава Костов.

Од Основен суд Скопје 1 вчера соопштија дека на СЈО му е дозволен непречен увид во секое време во сите списи на предметот, од каде директно посочија дека „судот не може спротивно и со повреди на Законот за класифицирани информации да се претвори во фотокопирница и копира класифицирани списи и докази, за што нема такво овластување“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top