| четврток, 6 декември 2018 |

Нови правила за достава на стока во Скопје

Доставувачите на стока, т.н. дистрибутери, на територијата на главниот град ќе треба да се однесуваат според новодонесената одлука за организирање и дефинирање на условите за достава на стока што ги донесе градот, пишува „Нова Македонија“. Станува збор за утврдени правила за истовар и товар на јавните површини, начинот и времето на вршење достава, како и органите што го одобруваат времето на движење, запирање и паркирање на возилата за истоварање и товарање стока и надзор за спроведувањето на оваа одлука.
Граѓаните честопати се жалеа дека возачите на камиони и комбиња се однесуваат несоодветно. За да стигнат до продавницата или маркетот каде што треба да достават стока се искачуваат на пешачки тротоари, блокираат улици и велосипедски патеки. Меѓутоа и со новата одлука им е дозволено да вршат достава на тротоар или друга јавна површина, доколку остави простор за безбедно одвивање на пешачкиот и велосипедскиот сообраќај од најмалку 2,5 метри.
– Некои од маркетите немаат заден влез, па така камионот ќе искачи на тротоар за да се истовари или натовари. Ова доведуваше до блокирање на движењето на пешаците, блокирање паркирани возила и слични ситуации. Накратко, се случува хаос на кој се навикнуваме – вели Драган Трпевски, жител на општината Бутел.
Трпевски додава дека контролата врз камионите што доставуваат стока мора да се засили, оти и покрај тоа што има утврдени правила често возачите не ги почитуваат.
Кога станува збор за временскиот период за достава, според одлуката, возилата за достава може да запираат и паркираат додека трае процесот на истоварање и товарање, но не подолго од 15 минути. Во потесното градско подрачје возилата можат да истовараат и товарат секој ден од девет до 14 часот и од 18 до седум часот. Во поширокото градско подрачје, пак, возилата можат да доставуваат стока секој ден од девет до 16  часот и од 18 до седум часот. Дополнително, на пешачките површини како што е улицата Македонија до плоштадот „Македонија“ возилата за доставување стока можат да товарат и истовараат секој ден од пет до десет часот. На улиците, пак, по кои се одвива јавен градски превоз, како улицата Партизански одреди, може да се доставува стока секој ден од 20 до седум часот наутро.
– Јас би рекла дека треба да им се наложи на продавниците и маркетите поорганизирано да се доставува стока и тоа да се случува претежно во ноќните часови, кога нема метеж низ сообраќајот. Засега ако им дозволуваат доставата да се случува додека народот оди на работа или се враќа дома сѐ уште ќе има проблеми во сообраќајот со камионите што доставуваат – рече Јасмина Богоевска, жителка на општината Аеродром.
Одлуката донесена од градот исто така наложува и максимална дозволена маса на возилата од 12 тони. Доколку се случи загрозување на безбедноста на сообраќајот на пешаците и возилата, одговорно е лицето што поднело барање за достава на стока.
Одобрението за достава на стока го издава градската власт, и тоа важи најмногу една година. Додека надзорот за спроведување на оваа одлука го врши Инспекторат на градот Скопје.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top