Селекторот на женската ракометна репрезентација на Македонија Симе Симовски го соопшти конечниот список на репрезентативки на кои ќе смета во двомечот со Словенија во рамките од квалификациите за Европското првенство 2016 во Шведска.
На местото на повредената Ангела Тодоровска, во сениорскиот состав е повикана Стефанија Мишевска. На овие квалификациски натпревари, покрај Тодоровска во составот ќе ја нема и Зорица Десподовска.
Иако беше неизвесен и настапот на Јована Саздовска која исто така имаше проблем со повредата, таа е во составот на репрезентацијата и ќе биде во комбинација за дуелите со Словенија.
Собирот на репрезентацијата е во понеделник, на 7 март. Првиот натпревар се игра на 10 март во Марибор, а реваншот е на 12 март во Скопје.
Во првата фаза од квалификациите за ЕП 2016, Македонија има два порази од Црна Гора во Бар (21-14) и од Хрватска во Скопје (22-36). И репрезентацијата на Словенија во овој двомеч влегува со два порази од истите противници.
Пласман на ЕП во Шведска обезбедуваат првите две селекции во групата и најдобрата третопласирана репрезентација во квалификацискиот циклус.
Состав на македонската репрезентација: Драгана Петковска, Наташа Антиќ, Нина Ладева, Сара Митова, Сара Ристовска, Теодора Керамичиева, Симона Стојановска, Јована Саздовска, Наташа Нолевска, Елена Ливриниќ, Елена Георгиевска, Андреа Белеска, Дијана Јовановска, Матеа Серафимова, Марија Николиќ, Ивана Гакидова, Габриела Величковска, Стефанија Мишевска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.