| четврток, 6 декември 2018 |

Од денеска се носат мартинки

Црвен и бел коноп испреплетен во украс од денеска се става на рака. Мартинката е традиција и симбол на Баба Марта, нам позната како предвесник на пролетта.

Мартинката, односно црвената и белата боја, ја симболизира желбата за добро здравје и воедно ја предвестува пролетта. Во едно верување црвената боја ја симболизира крвта, а белата боја чистотата, во друга, животот и смртта, потоа доброто и злото, како и среќата и тагата во животот на еден човек.

Еден од обичаите вели дека мартинката се добива како подарок и дека таа никогаш не се купува за себе, туку се дава на своите најблиски и на пријателите. Може да се носи закачена за облеката или, пак, врзана околу раката или вратот.

Таа се става денес, а во некои верувања и на 14 март.

Има повеќе верувања за нејзиното отстранување, едната е дека кога ќе расцвета првото дрво треба да се одврзе и да се закачи на него, кај нас велат дека кога ќе се здогледа првата ластовица се вади и веднаш се става под првиот бел камен, додека во Бугарија ја вадат кога ќе го здогледаат првиот штрк и ја закачуваат на дрво замислувајќи си желба.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top