Денешниот ден, што во американскиот политички календар се нарекува „супервторник“, е клучен во кампањата на кандидатите за претседателската функција во САД кај Републиканската и Демократската партија.
Републиканците и демократите од 12 сојузни држави и Американска Самоа, денеска на првични избори и локалните партиски собранија ќе го изберат својот фаворит за прв човек на државата. На денешен ден почнуваат да гласаат и избирачите демократи, кои се наоѓаат во странство, пренесе ТАСС.
Првични избори и кај двете партии ќе се одржат во државите Алабама, Арканзас, Џорџија, Масачусетс, Оклахома, Тенеси, Тексас, Вермонт и Вирџинија. Локални партиски собранија (caucuses) републиканците свикуваат во Алјаска, демократите во Колорадо, а двете партии во Минесота, и демократите во Американска Самоа. Вообичаено собранијата траат околу три-четири часа.
Кандидатите кај републиканците, милијардерот Доналд Трамп, сенаторот од Тексас, Тед Круз, сенаторот од Флорида, Марко Рубио, црниот неврохирург Бен Карсон и гувернерот на Охајо, Џон Кејсик, ќе се борат за гласовите на 595 делегати на националниот конгрес. Во Тексас тие ќе се борат за 155 гласа, во Џорџија за 76, а во Вирџинија за 49 гласа.
Како што забележува весникот „Волстрит џорнал“, во „супервторникот“” се води натпревар за речиси четвртина од сите делегатски гласови. Тие меѓу претендентите се распределуваат според пропорционален принцип, па по гласањето може да се покаже дека некој од нив направил неочекуван исчекор иако до тој момент не бил фаворит или лидер.
Пред „супервторникот“ Трамп располага со 81 глас, Круз и Рубио со по 17, Кејсик со шест, а Карсон со четири. За актуелната кампања раководството на Републиканската партија одлучи денеска да не свикува партиски собранија во Колорадо и Американска Самоа, за да може 37 делегати во Колорадо и деветте во Самоа да останат независни.
За да може некој републикански претендент да биде утврден како официјален кандидат на партијата на националниот конгрес во Кливланд, закажан за јули, тој треба да добие поддршка од 1.237 од вкупно 2.472 делегати на конгресот.
Во кампот на демократите, поранешниот државен секретар Хилари Клинтон и сенаторот од Вермонт, Берни Сандерс, ќе се борат за гласовите на 1.034 делегати. Според најновите анкети Клинтон води пред својот соперник во сите држави, каде што денеска ќе се одржат избори, со исклучок на Масачусетс и родната држава на Сандерс – Вермонт.
До овој момент Клинтон има поддршка од 503 делегати, а Сандерс од само 70. Претендентите ќе ги оспоруваат најмногу делегатските гласови во Тексас (252) , во Џорџија (116) и Вирџинија (110).
Уште една особеност на „супервторникот“ е што денеска почнуваат да гласаат и американските избирачи од Демократската партија во 40 држави. Гласањето ќе трае осум дена, а по неговото завршување ќе стане појасно за кого од демократските претенденти тие го дале гласот за 17 делегати на партискиот конгрес.
За да биде кренат на ниво на официјален кандидат на партијата, претендентот демократ треба да биде поддржан од 2.383 од вкупно 4.764 делегати.
Националниот конгрес на републиканците ќе се одржи од 18 до 21 јули во градот Кливланд, во државата Охајо, а на демократите е закажан од 25 до 28 јули во Филаделфија, во државата Пенсилванија, посочуваат француските медиуми.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.