Најавените владини проекти, посебно во делот на инфраструктурата, годинава дополнително ќе го засилат градежништвото кое моментно е една од водечките стопански гранки, со најголем раст, и двигател на домашната економија, посочи Стопанската комора. Од таму очекуваат зголемување на бројот вработени не само во големите градежни компании, туку и во помалите кои најчесто се ангажирани како подизведувачи.
– Евидентно е дека создаваме кадар способен за изведба на големи инфраструктурни проекти што досега не беше случај. Компаниите веќе располагаат и со современа опрема, на многу високо техничко ниво. Поради најавените проекти, изградбата на автопатите Скопје – Блаце и Гостивар – Кичево, како и рехабилитацијата на патиштата Кочани – Делчево, Штип – Миладиновци, Куманово – бугарска граница,…, од кои дел се почнати, а други наскоро ќе стартуваат, очекуваме можеби и увезување работници од странство, истакна претседателот на Здружението на градежништвото Андреа Серафимовски.
Според него, не се очекува намалување на интензитетот на градба и покрај тоа што на земјава и претстои предизборен период, а забележаниот негативен тренд на македонските градежни активности надвор се главно резултат на големата ангажираност дома.
– Идниот подем и зголемувањето на активностите кои особено се очекуваат годинава ќе донесе уште поголем развој на градежништвото. Особено радува фактот што домашните фирми реализираат комплексни проекти со сопствени ресурси, подвлече Серафимовски, додавајќи дека нема најави за поевтинување на градежните материјали.
Повикувајќи се на последните статистички податоци, Марија Петроска од Стопанската комора нагласи дека градежништвото бележи раст во сите сегменти: ниско и високоградба, инфраструктура, изградба на станови,… Зголемен е и уделот во БДП, од 4,9 отсто во 2008 година на 6,4 проценти во 2014-та. Годишно се градат по околу 5.500 до 6.000 станови, а многу малку од нив остануваат непродадени. Во првите три месеци од 2015 година градежништвото остварило 35,4 милиони денари што е пораст од 11,7 отсто во однос на 2014-та.
– Средните и големите компании во формирањето на БДП за градежништвото учествуваат со околу 90 отсто и вработуваат преку 75 проценти од вработените во секторот, посочи Петроска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.