| четврток, 6 декември 2018 |

Кристина Крамер: Македонскиот јазик е посебен и не држат тврдењата на некои од соседните држави за „вештачкиот карактер“ на македонската нација и култура

Стандардизацијата на модерниот македонски јазик своите корени ги има во доцниот 18 век, во времето кога се формирале сите словенски идентитети. Тоа е посебен јазик и не држат тврдењата на некои од соседните држави за „вештачкиот карактер“ на македонската нација и култура, тврди професор Кристина Крамер, македонист од Универзитетот на Торонто.

– Има секакви глупости на овој свет. Македонскиот јазик често го нарекуваат измислен јазик. Божем, Тито едно утро рекол, нека биде македонски јазик, и биднал. Всушност, стандардизацијата на модерниот македонски јазик своите корени ги има во доцниот 18 век, во времето кога сите словенски идентитети се формирале, додека Отоманската Империја се повлекувала од Балканскиот Полуостров – изјави Крамер на предавањето што го одржа во просториите на Обединетата македонска дијаспора во Вашингтон, каде што зборуваше за развојот на македонскиот јазик по поделбата на Македонија со договорот од Букурешт во 1913 година.

Според неа, македонската територија тогаш првпат е поделена и природниот развој на јазикот прекинува во тој момент.

– Потоа има разни тенденции за јазикот во разните делови на Македонија. Тоа е многу жално, за Македонија и за македонскиот јазик – оцени Крамер.

Канадската професорка, која е почесен член на Македонската академија на науките и уметностите, коментираше и за политичката состојба поврзани со Македонија и за грчките барања да се промени името на државата како услов за продолжувањето на евроатланските интеграции.

– Мислам дека името не треба да се менува. Нема друга Македонија, нема друг македонски јазик. Ако има северномакедонски јазик или горномакедонски јазик, нема да има јужномакедонски јазик. Во целиот свет разбираат дека има македонски јазик, со кој зборуваат сите во Република Македонија – изјави Крамер.

Таа вчера одржа предавање во библиотеката на Конгресот, најголемата библиотека во светот, каде што зборуваше за творештвото на писателот Луан Старова и за нејзините преводи на неговите книги „Време на козите“ и „Татковите книги“. Професор Крамер го опиша трагањето на семејството Старова по својот идентитет, по бегството од комунистичка Албанија и обидите на Луан Старова со своите книги да ги поврзе балканските народи, кои, според Крамер, се своевидна противтежа на книгата Балкански духови на Роберт Каплан, кој ги претстави балканските омрази како нешто непроменливо и, според многу оценки, влијаеше врз американската администрација да се одложи нивната интервенција во војната во Босна.

– Читањето на книгата на Каплан за мене беше толку вознемирувачко, начинот на кој беа сатанизирани луѓето од Балканот, што сметав дека можеби единствено оружје кое ми е на располагање да се борам против политиката на поделеност е да ги преведам делата на Луан Старова на англиски јазик – изјави Крамер.

Предавањето на професорката Крамер во библиотеката на Конгресот беше заеднички организирано од Обединетата македонска дијаспора и Албанската американска национална организација, која работи за заштита на албанското културно наследство. Ова е втор ваков заеднички проект на ОМД и на ААНО, на претставување автори кои ги поврзуваат двете земји, по претставувањето на делата на македонскиот писател од Пустец Стерјо Спасе.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top