Претседателот на Европскиот совет Доналд Туск идната недела повторно ќе ја посети Република Македонија, како дел од неговата агенда за изнаоѓање начин за менаџирање и решавање на бегалската криза, јави дописникот на МИА од Брисел.
Првиот човек на Евросоветот, кој минатиот месец ја посети Македонија, од 1 до 3 март ќе отпатува за Виена, Љубљана, Загреб, Скопје и Атина, каде според соопштението од Советот ќе има за цел „градење на европски консензус за справување со миграциската криза и да подготовка на Самитот со Турција закажан за 7 март во Брисел и Самитот на Европскиот совет на 17-18 март“.
Од кабинетот на Доналд Туск соопштија дека челникот на Европскиот совет исто така ќе се сретне и со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг и со извршниот директор на Фронтекс, Фабрис Легери и тоа во петок (4 март) во Брисел.
– Нема сомневање дека ние треба да го возобновиме Шенген. Тоа ќе чини пари, потребно е време и бара голем политички напор. Има земји што не можат да се справат со овој предизвик. Но, Европа е тука да им помогне. Ние треба да инвестираме во Шенген, а не во неговиот колапс. Иднината на Шенген ќе биде едно од клучните прашања што треба да се дискутира од страна на лидерите на 7 март, порача Доналд Туск во Европскиот парламент пред два дена.
Претседателот на Европскиот совет, исто така предупреди дека мора да се избегнува битка меѓу плановите „A“, „Б“и „Ц“ и дека „тоа нема никаква смисла“.
– Тоа само создава поделби во Европа и не не носи поблиску до решение. Наместо тоа, ние треба да бараме синтеза на различни пристапи. Нема подобра алтернатива од сеопфатен европски план, додаде Туск во пораката пред европратениците во Брисел.
Во однос на неговата преттојна посета на Балканот, каде единствено, што е изненадувачки, нема да ја посети Србија која е исто така во центарот на западно-балканската мигрантска рута, Туск ќе се фокусира на некои од главните земји на оваа рута врз основа на одлуката на Самитот на Европскиот совет минатата недела, кој одлучи да се врати ситуацијата кога сите членки на Шенген зоната „целосно ќе го применуваат Шенгенскиот граничен кодекс и ќе одбијат влез на надворешните граници на државјани на трети земји што не ги исполнуваат условите за влез или кои не доставиле барање за азил и покрај тоа што имаа можност да го сторат тоа“.
– За реставрацијата на целосното функционирање на Шенген зоната ќе биде потребно време и тоа мора да биде придружено од мерки за решавање на хуманитарните последици за земјите-членки што се погодени, како со хуманитарна помош за сириските бегалци и за земјите од соседна Сирија – се наведува во соопштението на Европскиот совет по повод посетата на Туск на земјите од Западен Балкан.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.