| четврток, 6 декември 2018 |

Достоjна замена за легендарниот „ферари ФФ“

Првиот модел на „Ферари“ со интегрален погон официјално е пензиониран бидејќи славната италијанска компанија за производство на спортски автомобили, со седиште во Маранело, го претстави наследникот на моделот „ФФ“, кој се крие под името „ГТЦ4лусо“

Во „Ферари“ не ни се обидуваат да го скријат фактот дека новиот модел, всушност, е темелно редизајниран стариот „ФФ“, чијашто каросерија доби неколку измени со што вистински и совршено го претставува значењето на зборот еволуција.

Во однос на „ФФ“, „ГТЦ4лусо“ однадвор се разликува во новиот преден браник и во цевките за вшмукување воздух. Сосема нов дизајн добија и страничните отвори за вентилација, спојлерот на покривот, куќиштата на задните светилки. Во „Ферари“, исто така, го доведуваат до оптимум задниот дифузер за воздух со кој се доби значително унапредување на аеродинамичните карактеристики на суперспортскиот четирисед.

ferrari-GTC4Lusso-001

ferrari-GTC4Lusso-004

Внатрешноста на автомобилот е опремена со последната генерација мултимедијален систем од „Ферари“, кој се управува со 10,25-инчен екран во боја чувствителен на допир. Видливо е намалувањето на дијаметарот на воланот благодарение на користењето на воздушно перниче со помали димензии. Во опремата спаѓаат и неколкуте новодизјанирани тастери, меѓу кои е и впечатливиот „манетино“ со кој се одбираат некои од понудените работни режими на автомобилот.

ferrari-GTC4Lusso-006

ferrari-GTC4Lusso-007

Тоа што е најважно меѓу вљубениците на „Ферари“ е што се крие под големиот капак на моторот. „ГТЦ4лусо“ го придвижува засилен атмосферски 6,2-литарски бензински мотор со 12 цилиндра, кој развива неверојатни 689 коњски сили и нуди 697 њутн-метри најголем вртежен момент. Сѐ заедно е доволно новиот модел да развие од 0 до 100 километри на час за 3,4 секунди, а неговата максимална брзина изнесува 335 километри на час.

ferrari-GTC4Lusso-005

Во „Ферари“ истакнуваат дека „ГТЦ4лусо“ доби погон на задните тркала, а тука е и електронски контролираната блокада на диференцијалот и амортизерите. Во седиштето на фабриката тврдат дека сето тоа заедно значително
ја подобрува тракцијата и управливоста на автомобилот во услови на користење што се далеку од идеални.

„Ферари ГТЦ4лусо“ премиерно ќе ѝ биде прикажан на публиката и ќе може да се види на Саемот за автомобили во Женева од 3 до 13 март. Поради измените и подобрените карактеристики што ги доби се очекува неговата цена да биде малку повисока од цената на моделот „ФФ“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top