Дали е доволно да се биде само пејач или можеби создавањето на музиката што ќе ја отпеете носи подобар производ на крајот?
Во светот ретко кој успева поинаку. Самите пејачи се вмешани во креирање на музиката со која сакаат да го покажат своето „јас“, да излезат од толпата, да ја победат обичноста и просечноста.
Во Македонија, пак, голем дел од музиката се сведува на композитори и на текстописци кои ги нудат своите дела, некогаш со години, популарно кажано „чувани во фиока“. Но, исклучоците од ова правило не се толку ретки.
Во разговор со македонските кантавтори, може да се заклучи дека навистина постојат песни кои и без никакво менување може да допрат до секој поради нивниот сензибилитет, поради емоцијата со која се изведени, но секогаш кога придонесувате кон своите песни, излегува еден поискрен производ, а публиката секогаш цени кога ќе дадете дел од себе.
За Сара Костадиновска, која како Сара Мејс брзо се проби на А-листата на македонски изведувачи, многу е важно пејачот да има влијание.
- Тоа не мора да значи пејачот да е автор, но треба да има удел во создавањето, да е присутен во студио кога се прави песната, сепак, тој е пејач, изведувач и мора песната пред сè на него да му е убава и да има убаво чувство кога ја изведува. Само така може да испадне песна која ќе допре до секој. Би било добро секој да влијае врз својата музика бидејќи само на тој начин може да се остави свој печат, да допреш до публиката, општеството, животот… Токму така и ќе има повеќе нова музика, нови видици, поинакви размислувања, раздвижување – вели Костадиновска.
Иако во Македонија има доста музичари кои сами си ја создаваат музиката, според неа постои и еден момент кој лично не го сака, а тоа е кога ти нудат готова песна.
- Кога ти предлагаат да пееш готова песна, врз неа не можеш да влијаеш, да ја промениш, да дадеш свој поглед. Ако се разбираш во музика, убаво е да влијаеш врз она што ќе го претставиш пред публиката. Доколку не се разбираш, добро е да има човек покрај тебе кој ќе те насочи, а не да се прифаќа сè и сешто по секоја цена – смета таа.
Костадиновска, која е автор на своите уникатни и препознатливи песни, вели дека не се родила со мислата дека сака да биде пејачка.
- Идејата да пеам дојде бидејќи сакав да ја изградам својата музика целосно, да создадам нешто што сакам да го пратам како мое послание. Почнав со свирење клавир, па пишував песни, подоцна почнав и со свирење харфа, продолжив со пишување и сосем од шега почнав да пеам, се создадоа „Цимерките“, со мојата другарка и цимерка Ива се претставивме на „Јас имам талент…Така почна сè – вели таа.
И Елена Ристеска е автор на текстови и на композиции уште од првиот ден кога почна професионално да се занимава со музика, веќе 14 години. Вели дека нејзиното пронаоѓање во музичкиот свет во целина, и како автор и како пејачка, е уште од годините кога почнала да зборува и да разбира.
- Комплетниот музичар е секогаш во предност, за разлика од пејачите што не се автори бидејќи секогаш влијаете на приказните што ги пеете и на создавањето на музиката, многу често периодот во кој се наоѓам ми го диктира стилот на албумот што го создавам. Но, има и уште една предност, а тоа е дека доживотно се поврзувате со музиката. Доколку интересот за вас како пејач еден ден избледи и дојдете во години во кои не сакате веќе да пеете, додека дишете можете да бидете автор и тоа нема врска со возраста туку со способноста да бидете во чекор со времето и со креативноста – смета Ристеска.
И пејачката и професор на Факултетот за музичка уметност Андријана Јаневска отсекогаш сметала дека пишувањето на своите песни е важен сегмент, затоа што изведувачот најдобро се познава себеси. Првата песна во нејзината кариера беше нејзина композиција, како и голем дел од останатите песни што ги има отпеано.
- Лично сметам дека не само пејачите, туку и инструменталистите, а и останатите што се бават со музика, би требало да покажат интерес кон креирање свои дела. На истото ги поттикнувам и моите студенти на ФМУ – вели Јаневска.
Но, сепак, според неа, за добра песна се потребни повеќе услови, меѓу кои и времето кога се издава песната, бидејќи во нејзината кариера, многу од хитовите се дела на други автори.
Колку е подобро да се потпишеш на своите песни, потврдува и пејачот Александар Тарабунов, кој досега пишуваше само музика за други пејачи и музика на неколку свои песни, а од неодамна, заедно со својот татко Ванчо Тарабунов, почна да создава и народни песни.
- Јас ја пишувам музиката, а татко ми текстот и досега имаме дадено 6-7 песни на познати народни пејачи, некои излегоа и со видеоспот – вели Тара.
До крајот на овој месец, пак, во етер треба да излезе неговата нова песна „Дал има“ со видеоспот, во која за првпат ќе биде комплетен автор, со негова музика и текст.
- Песната ја напишав со душа и мислам дека ќе успеам таа емоција да ја пренесам до слушателите. Поразлично е, според мене, кога ќе напишеш свое дело, мислам дека некако чувствуваш поголема одговорност да го оправдаш делото пред самиот себе. Публиката, исто така, повеќе го цени кантавторот како пејач, бидејќи кога е нешто комплетно твое, е поискрено и мислам дека повеќе допира до нив. Ќе продолжам да пишувам бидејќи едноставно чувствувам многу музика во мене која треба да излезе, ама ја чувствувам како непресушен извор… – вели пејачот.
Пишува: Марина Костовска
(Текст објавен во 181. број на неделникот „Република“, 19.02.2016)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.