| четврток, 6 декември 2018 |

Самарас по стапките на Груевски

Сега Грција, покраj борбата за името, ќе ѝ конкурира на Македонија за странските инвестиции

Antonis Samaras

Грчкиот премиер Андонис Самарас почнува операција „Инвестиции“, во рамките на која ќе ги посети Кина, САД и Русија со цел да привлече инвестиции во земјата, информираат грчките медиуми.

Сега Грција, покраj борбата за името, ќе ѝ конкурира на Македонија за странските инвестиции.

Весникот „Имерисија“ коментира дека Владата и лично премиерот почнуваат вистинска трка за привлекување инвестиции свесни дека само на тој начин ќе го решат проблемот со економскиот пораст и за намалување на невработеноста, што е најголемиот социјален и економски проблем на земјата. Владата веќе интензивно ги подготвува посетите на премиерот на Пекинг, Вашингтон и на Москва.

Според весникот средбите на грчкиот премиер со кинескиот претседател Кси Џинпинг и со претседателите на САД Барак Обама и Русија Владимир Путин се регулирани и дека единствено останува да се дефинираат конечните датуми на состаноците.

Весникот „Кердос“ информира за голем интерес на кинеските инвеститори за приватизација на атинскиот меѓународен аеродром „Елефтериос венизелос“. Кинески претставници вчера имаа средби со премиерот и со министерот за финансии.

Неодамна владата во Атина најави дека ќе бара инвеститори за планираната приватизација и модернизација на 46 пристаништа, а грчкиот парламент одобри нов закон со цел да ги охраби странските инвеститори.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top