| четврток, 6 декември 2018 |

Започнаа Деновите на светската книжевност во НУБ „Св. Климент Охридски“

Со „Празникот на пролетта во кинеската книжевност“ почнаа серијата културни настани „Денови на светската книжевност“ на Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“.

„Празникот на пролетта во кинеската книжевност“ се организира во соработка со Институтот „Конфуциј“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Програмскиот директор на НУБ „Св. Климент Охридски“ Јовица Тасевски информира дека во библиотеката во текот на целата година континуирано ќе се промовираат и презентират публикации од македонската тековна и актуелна издавачка продукција и од капиталните проекти.

– Ќе се организираат книжевни средби и трибини со цел афирмирање и поттикнување на читањето и привлекување читатели од различни генерации. Планираните програмски активности се во функција на популаризација на македонската книжевност и на преводите од светската книжевност, на богатата и разновидна издавачка продукција во Република Македонија и на новите публикации, како од афирмирани и етаблирани писатели, така и од млади автори – рече Тасевски.

Елена Дамјановска, секретар на Институтот „Конфуциј“ зборуваше за најважниот и најдолгиот традиционален празник во Кина, Празникот на пролетта, односно кинеската Нова година, која се одбележува во континуитет веќе 4.000 години.

– Овој семеен празник трае 15 дена и датумите на кои се одбележува се менуваат секоја година, согласно лунарниот календар. Оваа година Новата година почна на 8 февруари, во знакот на мајмун, а одблежувањето заврши со Празникот на фенерите на 22 февруари – рече Дамјановска.

Игор Радев, книжевен преведувач од кинески на македонски јазик, кој е на докторски студии по кинеска филолгија во Пекинг, имаше излагање за местото на класичната кинеска поезија во рамки на традиционалната кинеска култура.

– Основа карактеристика на кинеската поезија е тоа што секогаш е општествено ангажирана. Поетите во древна Кина истовремено, во најголема мера, биле и државни службеници или мандарини. Кај нив не постои поезија како приватно доживување. Во сите нивни песни секогаш мора да има некоја општествена или политичка алузија – рече Радев.

Тој се осврна и на ликот на типичниот кинески поет и неговата интеракција со општеството и рецитираше песни кои ги има преведено од класични кинески поети. Радев ја состави и ја преведе единствената Антологија на древната кинеска книжевност во Македонија.

Сите љубители на пишаниот збор на настанот имаа можност да ги купат книгите од кинеските великани преведени на македонски јазик, објавени во рамки на капиталните издавачки проекти „Превод на дела од автори кои добиле Нобелова награда за литература“ и „Ѕвезди на светската книжевност“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top