Претседателот на Ракометната Федерација на Македонија, Живко Мукаетов, на денешниот состанок на Управниот Одбор го даде своето видување за настапот на националниот тим на ЕП 2016 во Полска. Тој повтори дел од ставовите искажани во интервјуто за ЕКИПА непосредно по шампионатот, потенцирајќи дека првичната цел со пласманот во следната фаза е остварена, но од друга страна повторно го посочи и недоволното залагање на голем дел од репрезентативците, особено на последниот натпревар против Белорусија.
– Имаше многу коментари во јавноста дека ние како РФМ не сме дале отчет за настапот на репрезентацијата на ЕП во Полска. Јас како претседател дадов интервју во еден од еминентните спортски сајтови каде го искажав своето мислење, но еве сега ќе ги повторам своите ставови.Прва цел ни беше да влеземе во вториот круг и факт е дека со тоа ние исполнивме некоја основна цел. Ако се гледа комплетно настапот на нашата репрезентација факт е дека имавме два лоши мечеви, со Хрватска и со Белорусија. За мене како претседател посебно поразително е она што се случуваше на дуелот со Белорусија, противник што реално беше послаб од нас и јавно кажувам дека со исклучок на поединци, односот кон репрезентативниот дрес не беше на посакуваното ниво. Од една страна, не забележавме ниту една победа, да бидам искрен, верувам дека можевме да стигнеме до најмалку два триумфи со оглед на игрите што ги покажавме. Од мое име и од името на Управниот Одбор можам да кажам дека се вложивме максимално од секој аспект за да овозможиме беспрекорно функционирање на националниот тим – изјави Мукаетов.
Претседателот на РФМ призна дека ракометната куќа направила погрешна процена со предвременото заминување на Данило Брестовац од таборот на националниот тим.
– Ако правиме реална анализа, сметам дека е наша грешка што дозволивме Данило Брестовац предвреме да го напушти стручниот штаб. Од денешна перспектива, тоа го сметам како голема грешка. Не очекувавме дека тоа ќе има реперкусии врз атмосферата и резултатите, но за жал тоа се случи. Нашата логика беше дека системот е поставен и функционира и дека една индивидуа, дали е присутна или не, нема да остави голема трага, но се покажа сосема спротивното – објасни првиот човек на македонскиот ракомет.
Пред ракометната репрезентација е најголемиот предизвик, квалификациите за ОИ во Рио, а Мукаетов најави дека и раководството на РФМ е подготвено да го отстапи своето место доколку не се оствари посакуваниот резултат на турнирот во Гдањск.
– Јас можам да ветам дека ќе дадеме максимум организациски и од секој можен аспект. Дефинитивно ќе сториме се за да го оствариме големиот сон, да бидеме дел од Олимписките Игри, но ќе видиме како ќе се мине резултатски. Ако го оствариме резултатот што сите го посакуваме, ќе биде одлично, доколку тоа од некоја причина не се случи, подготвени сме да го понесеме својот дел од одговорноста и да го отстапиме своето место како раководство на некој што би верувал дека може подобро да го води овој спорт. Работиме напорно и на поставување на систем на вредности, што ќе се следи во иднина, гледаме со оптимизам на следниот период, но доколку сепак се случи резултатски неуспех ние како предводници на федерацијата би презеле дел од одговорноста врз себе – најави Мукаетов.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Влада на РМ: Груевски ќе ја отслужи казната во Република Македонија
-
ВМРО-ДПМНЕ: Владата во изминатава година и половина не покажа ништо друго освен криминал
-
ВМРО-ДПМНЕ: Пендаровски го повикува на референдум народот што го нарекуваше стока
-
МВР: Дел од демонстрантите употребија распрскувачки средства и насилно ја турнаа заштитната ограда