Продолжува екстазата на Белгиецот Питер Ван Хауте, овој пат преку пресметка со ВМРО-ДПМНЕ. Откако завчера партијата му порача дека за неа тој сега е само обичен турист во Македонија и дека може да го посети и Музејот на ВМРО, Белгиецот возврати со тоа дека во неговиот туристички водич Музејот на ВМРО го нема, пишува „Дневник“.
Проблемот е што со тоа стапнува на плускавецот на многумина Македонци за кои Музејот на ВМРО е поширок и многу позначаен поим од поимот ВМРО-ДПМНЕ. Со тоа Ван Хауте си ги затвори вратите не кај владејачката партија (односно партијата која така само ја нарекуваме), туку кај јавноста, освен оној дел во чија полза и чија тезга Ван Хауте ја одработуваше сите овие месеци, па нормален човек на негово место веќе не би пиел кафе на јавно место, освен ако не е стоотсто сигурен дека келнерот знае да се воздржува од ситни подлости, анализира „Дневник“.
Реално гледано, за ВМРО-ДПМНЕ, најдобро е ако Брисел инсистира Ван Хауте да продолжи со своите обиди за она што тој го нарекува „мисија“, а што благодарение на парите што ги прима и неговата интелигенција успеа да го претвори во комедија. Во перцепцијата, која произлегува од преговорите, тоа на партијата и натаму ѝ обезбедува статус на жртва и статус на херој при одбивање на неговите предлози. Сосема поинаку би било кога на негово место би бил човек со помалку фрустрации, а со повеќе знаење и чувство за ситуацијата во Македонија. Во тој случај, веројатно, СДСМ би изгубил нешто од своите ОЗНА/УДБА-предлози, но и од ВМРО-ДПМНЕ во согласност со досегашната практика на однесување во овие настани, многу полесно би нашле простор за отстапки, иако кај преговорите за медиуми простор за какво било повлекување речиси и не постои. Последниот вчерашен скандал со Ван Хауте доаѓа по неговата серија провокации со разни мачки, кои отпрвин служеа како забава на интернет за помладите, но потоа прераснаа во вистинска пресметка со јавноста. Во целиот тој период, Белгиецот не се обиде да се врати во рамките на пристојноста откако ги даде познатите изјави за овдешниот менталитет, туку, напротив, постојано ја подгреваше атмосферата. Тоа апсолутно им дава право на тие што сметаат дека негова цел не беше да ги олеснува преговорите, туку да дојде до ситуација во која, конечно, ќе се најде една точка од која ВМРО-ДМНЕ нема да може да отстапи, а со идеја да се пронајде барем еден изговор за одложување на изборите. Логиката беше дека не може ВМРО-ДПМНЕ толку да попушта колку што Белгиецот и оние што го испратиле можат да смислат невозможни услови.
По последната размена на пораки, Ван Хауте, независно од желбите на Брисел тој и натаму да остане тука, ја зацврсти својата позиција на необјективен, ниско едуциран и не многу разумен преговарач, чија улога не може ништо добро да ѝ донесе на државата благодарение на која ги добива оние дневници од бриселската бирократија. Во таква ситуација, се чини, единствен излез е да го пронајде Музејот на ВМРО во првиот лет за Брисел и да отстапи простор за човек кој зад себе ќе има какво-такво педигре на разумност, иако нашите очекувања не треба да бидат премногу оптимистични имајќи ја предвид „целулит-ќелавата“ шема во Европската комисија која стои зад него. Сепак, сеедно што целта на странците очигледно е продолжување на агонијата во Македонија, а за тоа Ванхауте е едно од идеалните решенија, работата излезе целосно надвор од контрола, па најдобро е ако човекот си замине, со обврска ВМРО-ДПМНЕ на негова адреса во Белгија да му испрати некаква брошура од Музејот доколку таква постои. Од аеродромот „Александар Велики“ велат дека првиот лет за Брисел е веќе в петок во 13.25 часот. Билетот чини 7.999 денари, пишува „Дневник“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.