| четврток, 6 декември 2018 |

Кастратовиќ: Публиката и Дуду го решија натпреварот!

zrk-vardar-pres-210216

Една од најзаслужните за денешната победа на ЖРК Вардар над шампионот Будуќност беше голманката Амандин Лејно (Дуду) со 19 интервенции, истакна тренерот на „црвено-црните“ Индира Кастратовиќ на прес-конференцијата по мечот.

„Знаевме што не очекува и дека ни доаѓа европскиот шампион. Никогаш немавме победа и се надевавме и верувавме дека денеска можеме да го оствaриме тоа. И благодарам на публиката која дојде во голем број, безрезервно не поддржуваше, беше нашиот осми играч и да се заблагодарам на сите девојки. На прво место ја ставам Дуду (Амандин Лејно) која денеска нѐ носеше цел натпревар, беше одлична. Одигравме тимски. Се надевам дека ќе се сретнеме повторно, ама не третпат во полуфинале, туку следната средба со Будуќност ќе ни биде во финалето на Лигата на шампионите“, изјави Индира Кастратовиќ.

И тренерот на Будуќност Драган Аџиќ имаше пофалби за играта на ЖРК Вардар. Тој истакна дека ова е вистинско дерби и дека ги гледа двата тима во самата завршница на ЛШ.

„Ова беше вистинско дерби. Драго ми е што во регионот на поранешна Југославија постојат два вакви тима кои се едни од најдобрите во Европа. Со вакви натпревари се крева квалитетот на ракометот во целиот регион. Ние влеговме фокусирани во натпреварот, сигурно дека се обидовме да одиграме најдобро што можеме и сакавме да останеме непоразени. Но, Вардар не ни го дозволи тоа. Дадоа силен отпор и ни дадоа голем материјал за анализа. Би сакал да се сретнеме повторно на годинашниот фајналфор, и двете екипи заслужуваат да бидат таму“, порача тренерот на Будуќност, Драган Аџиќ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top