| четврток, 6 декември 2018 |

Бугарија предупредена дека единствената легална рута за бегалците е преку Македонија

мигранти

Од утре, 22 февруари, единствениот легален пат за мигрантите од Блискиот исток кои патуваат кон некоја земја од ЕУ е грчко-македонската граница. Сите останати поминувања ќе се сметаат за нелегални, а мигрантите ќе бидат вратени назад во државата, од каде доаѓаат, предупредуваат полициските и граничните власти на Србија, пренесува агенцијата Бета.

Директорот на полицијата на Србија Владимир Ребиќ го посети граничниот премин со Бугарија, Градина (Калотина) и одржа средба со бугарските гранични власти.

-Сакам да испратам многу јасна порака до мигрантите кои доаѓаат од областите опфатени со војни: западната рута значи движење по патот Грција, Македонија, Србија, Хрватска, Словенија и потоа кон Австрија и Германија. Грчко-македонската граница е единствениот легитимен пат- рече Ребиќ и истакна дека мигрантите во Србија може да пристигнуваат на легален начин само преку граничниот премин Прешево на македонско-српската граница.

Според него, целта на средбата меѓу српските и бугарските гранични полиции на граничниот премин Градина е желбата за спроведување на ефикасен начин на договорот што Србија, Австрија, Словенија, Хрватска и Македонија го постигнаа на 18 февруари во Загреб.

-На овој начин сакавме да ги запознаеме бугарските колеги со новите процедури кои вклучуваат и заеднички проверки на мигрантите на грчко-македонската граница, како и да ги повикаме да ја зголемат контролата на своите јужни граници со Грција и Турција. На овој начин да престанат нелегалните влегување на мигранти и појавата на евентуално нова маршрута низ Бугарија- рече Ребиќ. Тој предупреди дека Србија значително ќе ги зголеми активностите за спречување на нелегалното влегување на мигранти по српско-бугарската граница.

Директорот на српската полиција прецизираше дека од денеска  почнуваат и заедничките тимови за проверки и регистрација на мигрантите на грчко-македонската граница. Во овие тимови ќе има полицајци од Македонија, Австрија, Словенија, Хрватска и Србија.

-Таму ќе се прави селекција и е сосема реално да се очекува тие да се обидат да најдат друг нелегален пат, а еден од нив е Бугарија- предупреди Владимир Ребиќ.

На 18 февруари во Загреб директорите на полициите на Хрватска, Македонија, Австрија, Словенија и Србија се договорија да воведат единствена контрола, селекција и регистрација на бегалците кои влегуваат од Грција во Република Македонија. Тие се согласија и за нивно транспортирање директно до границата со Австрија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top