| четврток, 6 декември 2018 |

Нов метод за лекување проблеми со рожницата на Клиниката за очни болести

Нов медицински метод на лекување пациенти со проблеми со рожницата (корнеата) со таканаречениот крослинкинг (crosslinking) метод, кој претставува третман за нејзино засилување, е воведена на Универзитетската клиника за очни болести. Во таа јавна здравствена установа е реконструирана една просторија со што е добиена уште една дополнителна операциска сала, опремена со нова апаратура, а целата инвестиција е во вредност од 10 милиони денари.

Со овој метод може да се третираат: кератоконус (заболување на рожницата на окото кај која нормалниот облик на купола на рожницата постепено се истенчува предизвикувајќи промена во форма на конус кое резултира со значително намалување на видот), кератоглобус кератоектазија и други дистрофии и заболувања на рожницата.

По повод воведувањето на новиот метод, министерот за здравство Никола Тодоров денеска ја посети Клиниката за очни болести, каде што се сретна со директорите и со медицинскиот тим од таа јавна здравствена установа. Истакна дека крослинкинг методата се користи пред кератопластика, која е сериозна и тешка операција, и особено е значајна кај помлади луѓе.

klinika za ocni bolesti todorov

– Ова е направено заедно со доктори од странство. Нивни колега, доктор од Софија е тука со нашите доктори и заедно го воведуваат овој метод. Нашите доктори претходно беа за овој и за други методи на обука во странство. Обуките беа во Софија, Истанбул и во Љубљана. Очекувам дека по воведувањето на оваа метода ќе може да се изведат околу 30 вакви интервенции во текот на годината и на тој начин да се превенира односно да се спречат посериозни операции, рече Тодоров.

Посочи дека интервенцијата ќе биде на товар на Фондот за здравствено осигурување на Македонија со плаќање на партиципација од страна на пациентите и ќе биде достапна за македонските пациенти во јавното здравство. Ако има потреба за поголем број интервенции, нагласи министерот, во тој случај заедно со Фондот ќе се направи напор да се обезбеди проширување на буџетот и за поголем број пациенти.

Директорот на Клиниката за очни болести, Илјаз Исмаили рече дека методата се применува за да не прогресира болеста која води кон кератопластика. Потенцира дека методата се користи со и без абразија на корнеата и со употреба на рибофлавин капки и ултравиолетова светлина се зајакнуваат природните колагенски врски на корнеата со што се спречува нејзиното деформирање.

– Оваа услуга досега се правеше само во приватните јавни здравствени установи. Првпат во државите во регионот, со помош и поддршка на Министерството и директорите на ФЗОМ, оваа услуга се воведува на товар на ФЗОМ, додаде Исмаили.

Доктор Христијан Дума од Клиниката за очни болести истакна дека со воведувањето на техниката на крослинкинг и со опремата што ја имаат можат да дојдат до рано дијагностицирање на заболувањата на рожницата, кога, како што појасни, и успехот е поголем.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top