| четврток, 6 декември 2018 |

Родилката (21) била добро по породувањето, починала неколку часа подоцна

Ноќеска, во 1.50 часот на Гинеколошкото одделение во прилепската градска болница „Борка Талески“ од засега непознати причини почина 21-годишната родилка С.Б. од прилепското село Беровци. Детето е во добра здравствена состојба.

Според директорот на болницата Петар Ристески, родилката е примена вчера во 10 часот со симптоми за раѓање. Се породила во 13 часот и сè било во ред.

– Родилката се породи вчера, во 13.43 часот. Спонтано е родено здраво машко дете од 3.170 грама. Пациентката по породувањето била во добра општа состојба и била префрлена на акушерскиот оддел. Но, во 19.15 часот ѝ се влошила состојбата со силни болки. Веднаш била префрлена на Одделот за интензивна нега и реанимација. Била направена опсежна реанимација, според сите стандарди и протоколи. Биле ангажирани четворица гинеколози, двајца анестезиолози и уролог. Но, за жал, во 1.50 часот по полноќ, пациентката починала – рече Ристески на денешната прес-конференција.

За случајот се известени Основното јавно обвинителство, полицијата и Министерството за здравство.

Чичкото на Симона, Томислав Ристески, смета дека се работи за невнимание на докторите.

– Кога се породила сѐ било во ред. Но, ние девојчето го загубивме од невнимание на докторите. Отишле да земат доктори од Битола – обвини Ристески.

Стрината на починатата родилка, Славица Ристеска рече дека сѐ било во ред со бременоста и со породувањето.

– Кога се видовме по породувањето, рече дека сѐ било нормално и во ред. Само малку ја болел стомакот. Рековме дека тоа е вообичаено. Сестрите нѐ предупредија да бидеме тивки зашто докторите се одморале. Подоцна ни јавија дека многу искрвавила. Тоа крвавење е зашто немало никој од дежурните да ја види. Бараме правда, да се реши ова – рече Ристеска.

Основниот јавен обвинител Дамчо Кочоски информира дека наредена е обдукција за да се утврдат причините за смртта на 21-годишната родилка. Ова ѝ било второ породување. Пред три години родила девојче.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top