| четврток, 6 декември 2018 |

Австрија почна со примена на дневните квоти за бегалци

begal

Австриските власти денеска, според најавите, почнаа со примена на дневните квоти за прифаќање и за пропуштање на бегалците, така што од утринава во осум часот го применуваат новиот систем за управување на граничните премини, потврди Министерството за внатрешни работи на Австрија.

Како што пренесува Танјуг, граничните премини, како што беше најавено, од утре ќе бидат отворени од 6 до 22 часот. Новото управување на граничните премини предвидува максимална дневна квота од 80 молби за добивање азил, што е, во просек, пет молби на час.

Покрај тоа, Владата одреди низ Австрија да се пропуштаат максимално по 3.200 бегалци дневно, кои планираат пропатување, односно барање азил во некоја друга земја на ЕУ. Според процените на Министерството за внатрешни работи, тоа значи дека ќе се пропуштаат до 200 бегалци на час, кои понатаму ќе го продолжат своето патување. Кога контингентот ќе биде пополнет со баратели на азил и со бегалци што сакаат само да поминат низ Австрија во намера да побараат заштита во некоја друга земја, на словенечката страна од границата ќе мораат да чекаат до следниот ден, односно до шест часот наутро, кога границата повторно ќе се отвора. Овој систем на управување со границата е воведен на јужната граница, кон Словенија, од каде во моментов, преку балканската рута бегалците доаѓаат.

Заради процената дека новиот систем би можел да ја пренасочи рутата, австриските власти најавија засилени контроли и на другите државни премини, со опцијата за кревање ограда и примена на овој систем на управување. Дневните квоти на Австрија наидоа на остра осуда од ЕУ, па така еврокомесарот за миграција, Димитрис Аврамопулос, и испрати писмо на австриската Влада во кое укажа дека Виена со ова ги прекршува законите на Унијата. ­Австрија спаѓа во најоптоварените земји чланки на ЕУ и дојде до своите граници на издржливост, нагласи министерката за внатрешни работи на Австрија, Микл­Лајтнер, и додаде дека прашањето е како да се обезбедат сопствените граници се додека не се најде европско решение. Таа истакна дека Австрија не може да го совлада истиот број бегалци како минатата година и дека воводените дневни ограничувања се само натамошен чекор кон запирање на бранот бегалци. Во Австрија лани влегоа околу 700.000 мигранти, најчесто бегајќи од судирот во Сирија и Авганистан, а околу 90.000 поднесоа барање за азил во оваа земја. Повеќето, сепак, го продолжија патот кон Германија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top